Numbers 17
1 И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
2 »Кажи им на синовите Израилеви и земи од нив по еден жезал од колено, по еден жезал од секој нивни кнез, дванаесет жезла, и името на секој напиши го на жезалот;
3 Ароновото име напиши го на Левиевиот жезал, зашто тие треба да дадат еден жезал, според племето на нивниот род,
4 и стави ги во скинијата на сведоштвото, пред ковчегот на откровението, каде што ви се јавувам;
5 и кого Јас ќе го одберам, и неговиот жезал ќе го расцутам; и така ќе го отстранам ропотот на синовите Израилеви, што го креваат против вас.«
6 И им рече Мојсеј на синовите Израилеви, и сите началници нивни им дадоа, од секој началник по еден жезал, дванаесет жезла, според кнежествата свои и родовите нивни; и Ароновиот жезал беше меѓу жезлата нивни.
7 Тогаш Мојсеј ги постави жезлата пред лицето Господово во скинијата на сведоштвото.
8 На вториот ден влезе Мојсеј и Арон во скинијата на сведоштвото, и ете, Ароновиот жезал, од Левиевиот дом, беше потерал, пуштил гранчиња, процутил и родил ореви.
9 И ги изнесе Мојсеј сите жезли од лицето Господово пред сите синови Израилеви; и тие го видоа тоа и секој си го зеде својот жезал.
10 И му рече Господ на Мојсеја: »Постави го пак Ароновиот жезал пред ковчегот на откровението да се чува, како претсказание за непокорените, па ропотот против Мене да престане и тие да не изумрат.«
11 И Мојсеј и Арон направија така, како што му заповеда Господ на Мојсеја, така направија.
12 И му рекоа синовите Израилеви на Мојсеја: »Ете, ние се требиме, гинеме, исчезнуваме;
13 секој, што се приближува кон скинијата на сведоштвото Господово, умира: дали ќе изумреме така сите?«