Numbers 14
1 Тогаш целиот народ почна да вика и плачеше целата таа ноќ;
2 и сите синови Израилеви роптаа против Мојсеја и Арона, и целиот народ им велеше: »О, да бевме умреле во Египетската земја, или да бевме изумреле во оваа пустиња!
3 И зошто Господ ни води во таа земја, за да паднеме во борба! Жените наши и децата наши ќе станат плен; не е ли подобро да се вратиме во Египет.«
4 Па си велеа едни на други: »Да си избереме старешина, и да се вратиме во Египет.«
5 Тогаш Мојсеј и Арон паднаа ничкум пред целото собрание на Израиловите синови.
6 И Исус, синот Навинов, и Халев, Синот Јефониев, меѓу оние, што ја беа разгледале земјата, ги раскинаа облеките свои
7 и им рекоа на сите собрани синови Израилеви: »Земјата, што ја изодивме, за да ја разгледаме, е многу, многу добра.
8 Ако Господ ни сака, ќе ни воведе во неа и ќе ни ја даде – таа земја, каде што тече мед и млеко;
9 но не отстапувајте од Господа и не плашете се од народот на таа земја; зашто Он ќе ни биде потпора наша; тие немаат заштита, а со нас е Господ; не плашете се од нив.«
10 И целото собрание рече: »Да ги убиеме со камења!« Но славата Господова се јави во облак над скинијата на сведоштвото пред сите синовите Израилеви.
11 И му рече Господ на Мојсеја: »До кога ќе Ме огорчува овој народ, и до кога нема да Ми верува и покрај сите знаци, што ги извршив Јас меѓу него?
12 Ќе го поразам со смрт, ќе го истребам, и ќе создадам од тебе и од домот на таткото твој народ многуброен и посилен од овој.«
13 Но Мојсеј Му рече на Господа: »Ќе чујат Египтјаните, од чија средина Ти со силата Своја го изведе овој народ,
14 но чуја за тоа и жителите на оваа земја, дека Ти, Господи, си меѓу овој народ, и дека Ти, Господи, им се јавуваш како лице во лице, и Твојот облак стои над нив, и ти одиш пред нив дење во облаков столб, а ноќе во огнен столб;
15 па, ако Ти го истребиш овој народ до еден човек, тогаш сите оние што ја чуја славата Твоја, ќе речат:
16 ‚Господ не може да го воведе овој народ во земјата, која со клетва му ја вети, па затоа го погуби во пустињата.‘
17 И така, нека се возвеличи силата Твоја, Господи, како што рече, велејќи:
18 ‚Господ е долготрпелив и многумилостив и вистинит, Кој ги простува беззаконијата и неправдите, и гревовите, и не остава без казна, а за беззаконијата на татковците ги казнува децата дури до третото и четвртото колено.‘
19 Прости им го гревот на овие луѓе поради Твојата преголема милосрдност, како што си му простувал на овој народ од Египет до тука.«
20 И му рече Господ на Мојсеја: »Простувам според зборот твој;
21 но жив сум Јас, и секогаш ќе живее името Мое, и целата земја ќе се исполни со славата Господова:
22 бидејќи оние луѓе, што ја видоа славата Моја и делата Мои, што ги извршив во Египет и во пустињата, и Ме искушуваа веќе десетпати, и не го послушаа гласот Мој,
23 нема да ја видат земјата, која со клетва им ја ветив на татковците нивни; само на децата нивни, кои се тука со Мене, кои не знаат, што е добро, што е лошо, на сите малолетни, кои ништо не разбираат, ним ќе им ја дадам земјата, а сите оние што Ме огорчуваа, нема да ја видат;
24 но Мојот слуга Халев, поради тоа што во него имаше друг дух, и затоа што Ми беше наполно верен, него ќе го воведам во земјата, во која тој отиде, и неговото потомство ќе ја наследи.
25 Амаликијците и Хананејците живеат во долината; затоа утре вратете се и одете во пустињата кон Црвено Море!«
26 И им рече Господ на Мојсеја и на Арона, велејќи:
27 »До кога овој лош народ ќе негодува против Мене? Јас го слушам негодувањето на синовите Израилеви, што ги упатуваат против Мене.
28 Кажи им: жив сум Јас, вели Господ: како што вие Ми говоревте во ушите Мои, така ќе ви направам и Јас вам;
29 во оваа пустиња ќе паднат телата ваши, и сите вие преброени, колку што сте на број, од дваесет години и нагоре, што роптате против Мене,
30 нема да влезете во земјата, во која Јас со крената рака решив да ве населам, освен Халев, Јофониевиот син, и Исус, Навиновиот син;
31 децата ваши, за кои велевте, дека ќе станат плен, ќе ги воведам таму, и тие ќе ја познаат земјата, која вие ја презревте;
32 а вашите трупови ќе паднат во оваа пустиња;
33 синовите ваши, пак, ќе скитаат по пустињата четириесет години и ќе страдаат, носејќи го вашиот грев си додека не загинат телата ваши во пустињава;
34 според бројот на четириесет дена, во кои ја разгледувавте земјата, вие ќе стредате за гревовите ваши четириесет години, година за ден, па да ја разберете јароста на Мојот гнев.
35 Јас, Господ, ви велам, навистина така и ќе постапам со сиов овој народ, востанат против Мене: во оваа пустиња сите ќе се истребат и ќе изумрат.«
36 И оние, кои Мојсеј ги испрати да ја разгледаат земјата и, кои по враќањето свое, возроптаа пред сиов овој народ, ширејќи лоши гласови за земјата,
37 оние, што ширеа лоши гласови за земјата, умреа, поразени пред Господа;
38 само Иисус, синот Навинов, и Халев, синот Јефониев, останаа живи од оние мажи, што беа отишле да ја разгледаат земјата.
39 Откога ги кажа Мојсеј тие зборови пред сите синови Израилеви, народот се расплака.
40 И кога станаа рано утредента, се искачија на врвот од планината, велејќи: »Ете, ќе отидеме на она место, за кое Господ рече, бидејќи згрешивме.«
41 Но Мојсеј рече: »Зошто не ја исполнивте заповедта Господова? Нема да успеете:
42 не одете горе, оти Господ не е меѓу вас; и ќе паднете од непријателите ваши,
43 бидејќи таму пред нас си Амаликијците и Хананејците, и ќе паднете од нож, зашто не Му се покоривте на Господа, и Господ нема да биде со вас.«
44 Но тие решија и се искачија на врвот од планината; а ковчегот на заветот Господов и Мојсеј не се одделија од логорот.
45 Амаликијците и Хананејците, што живееја на онаа планина, ги сопреа и ги гонеа дури до Ермон и се вратија во логорот.