Luke 21
1 Кога ги подигна очите, виде како богатите ги пуштаа своите прилози во црковната каса;
2 виде исто така и една бедна вдовица, која пушти таму две лепти,
3 па рече: »Вистина ви велам, оваа бедна вдовица од сите повеќе пушти;
4 сите овие дадоа прилози на Бога од својот вишок; таа, пак, пушти – сѐ што имаше за својот живот.«
5 И кога некои зборуваа за храмот, дека е украсен со убави камења и ветени дарови, Он им рече:
6 Ќе дојдат дни и од сето ова што го гледате нема да остане ни камен, што не ќе биде урнат.
7 И Го прашаа, говорејќи: »Учителе, а кога ќе биде тоа и каков е знакот, дека ќе стане тоа?«
8 Он рече: »Чувајте се, да не ве прелажат; зашто мнозина ќе дојдат во Мое име и ќе зборуваат оти сум Јас, и дека времето се приближи. Но, не одете по нив!
9 А кога ќе чуете за војни и бунтови, не плашете се; сето тоа треба да стане, но сѐ уште не е крајот.«
10 Тогаш им рече: »Ќе се крене народ против народ, и царство против царство;
11 а на некои места ќе има и големи потреси, и глад и помор; ќе има стравотии и големи знаци на небото.
12 А пред сето тоа ќе стават раце на вас и ќе ве изгонат, предавајќи ве на синагогите и затворите, и ќе ве водат пред цареви и управници, заради Моето име.
13 И тоа ќе ви биде вам за сведоштво.
14 И така, ставете си при срце да не размислувате однапред што ќе одговарате,
15 зашто Јас ќе ви дадам уста и мудрост, на која не ќе можат да ѝ противречат ниту да ѝ се противстават сите ваши противници.
16 Ќе бидете предадени исто така и од родители, и од браќа и од роднини, и од пријатели, а некои од вас ќе бидат убиени;
17 и ќе бидете намразени од сите, заради Моето име.
18 Но, ни влакно од главата ваша нема да загине;
19 со трпение спасувајте си ги душите.
20 А кога ќе го видите Ерусалим опколен од војски, знајте – дека се приближило неговото запустување.
21 Тогаш, оние што се наоѓаат во Јудеја, нека бегаат во планините; и кои се во градот, да излезат од него; а кои се по околните места, нека не влегуваат во него,
22 зашто тоа се дните на одмазда, за да се изврши сѐ што е напишано.
23 Но тешко на бремените и доилките во тие дни: зашто голема мака ќе биде на земјата, и гнев врз овој народ;
24 и ќе паднат од сечилото на мечот, и ќе бидат одведени во плен по сите народи; а Ерусалим ќе го газат незнабошци, сѐ додека не се свршат времињата на незнабошците.
25 И ќе има знаци на сонцето, и на месечината, и на ѕвездите; а на земјата – тага кај народите од неизвесноста и од бучењето на морето, и од брановите;
26 луѓето, пак, ќе умираат од страв и од исчекување на она што ќе го снајде светот, зашто и силите небески ќе попуштат.
27 И тогаш ќе Го видат Синот Човечки како доаѓа на облаци, со сила и слава голема.
28 А кога ќе почне тоа да станува, исправете се и подигнете ги главите свои, зашто се приближува вашето спасение.«
29 Им кажа парабола: »Погледајте ја смоквата и сите дрвја;
30 кога ќе видите дека потеруваат, сами знаете оти летото е веќе близу.
31 Па така, кога ќе видите дека станува ова, знајте оти се приближи царството Божјо.
32 Вистина ви велам, нема да премине овој род, дури сето тоа не се исполни.
33 Небото и земјата ќе преминат, но зборовите Мои нема да преминат.
34 Само пазете се: вашите срца да не бидат оптоварени со прејадување и пијанство, и грижа за овој свет, за да не ве затече оној ден ненадејно;
35 оти тој ќе дојде како примка за сите што живеат по целата земја;
36 бидете будни во секое време и молете се, за да го избегнете сето она, што ќе настане, и да се исправите пред Синот Човечки!«
37 Дење проповедаше Он во храмот, а ноќе излегуваше и ноќеваше во гората, наречена Елеонска.
38 И сиот народ доаѓаше наутро при Него во храмот, за да Го слуша.