Luke 16
1 А на учениците Свои им рече: »Еден човек беше богат и имаше настојник; и тој беше наклеветен пред него дека го растура неговиот имот.
2 И кога го повика, му рече: ‚Што е ова што слушам за тебе? Дај сметка за раководењето, зашто веќе не ќе можеш да бидеш настојник.‘
3 А настојникот си рече во себе: ‚Што да правам? Господарот мој го одзема од мене раководењето на куќата; да копам, не можам; да просам – се срамам.
4 Знам што да правам, за да ме примат во своите домови, кога ќе бидам отстранет од раководењето на куќата.‘
5 И кога ги повика должниците на својот господар, секого поодделно, му рече на првиот: ‚Колку му должиш на мојот господар?‘
6 Тој одговори: ‚Сто мери елеј.‘ И му рече: ‚Земи си ја потврдата, седни бргу и напиши: »педесет!«‘
7 Потоа му рече на другиот: ‚А ти, колку должиш?‘ Тој одговори: ‚Сто мери пченица.‘ И му рече: ‚Земи си ја потврдата и напиши: »осумдесет!«‘
8 И го пофали господарот несправедливиот настојник, оти постапил досетливо; зашто синовите на овој свет во својот род се подосетливи од синовите на светлината.
9 И јас ви велам: создадете си пријатели со неправедно богатство, па, кога осиромашите, да ве примат во вечните живеалишта.
10 Верниот во малку и во многу е верен, а несправедливиот и во многу и во малку е несправедлив.
11 Па така, ако во неправедното богатство не бевте верни, кој ќе ви го довери вистинското?
12 И ако во туѓото не бевте верни, кој ќе ви го даде вашето?
13 Ниеден слуга не може да им служи на двајца господари; зашто, или едниот ќе го замрази, а другиот ќе го засака, или на едниот ќе му угоди, а другиот ќе го презре. Не можете да служите на Бога и на Мамона.«
14 Сето тоа го слушаа фарисеите, што беа среброљупци, и Му се потсмеваа.
15 И им рече: »Вие се прикажувате пред луѓето за праведни, но Бог ги знае вашите срца; зашто, она што е за луѓето високо, пред Бога е мерзост.
16 Законот и Пророците беа до Јована; а оттогаш царството Божјо се благовестува и секој со усилие влегува во него.
17 Но полесно им е на небото и на земјата да преминат, отколку една црта од Законот да пропадне.
18 Секој, што ја остава жената своја и се жени со друга, прељубодејствува, и секој, што се жени со напуштена, прави прељуба.
19 Еден човек беше богат и се облекуваше во порфир и свила, и секој ден живееше раскошно и се веселеше.
20 Имаше исто така, и еден сиромав, по име Лазар, кој струплив лежеше пред вратата негова;
21 и сакаше да се нахрани со трошките што паѓаа од трпезата на богатиот; и кучињата доаѓаа и ги лижеа раните негови.
22 Умре сиромавиот и ангелите го однесоа во крилото Авраамово; умре и богатиот и го погребаа.
23 И во пеколот, кога беше во маки, ги подигна очите свои и го виде оддалеку Авраама и Лазара во крилото негово,
24 и, откако извика, рече: ‚Оче Аврааме, смилуј се на мене и прати го Лазара да го накваси својот прст во вода и да ми го разлади јазикот, оти многу страдам во овој пламен!‘
25 Но Авраам рече: ‚Синко, сети се, дека ти си го добил своето добро уште додека беше жив, а Лазар злото; сега, пак, тој се утешува, а ти страдаш.
26 Освен тоа, меѓу вас и нас постои голема провалија така што оние, кои би сакале да дојдат при вас, не можат; а исто така и оние оттаму – при нас.‘
27 А тој пак рече: ‚Тогаш те молам, оче, прати го во татковата ми куќа,
28 зашто имам петмина браќа, та да им посведочи, за да не дојдат и тие во ова место на маките!‘
29 Авраам му рече: ‚Тие го имаат Мојсеја и Пророците; нив нека ги слушаат!‘
30 А тој рече: ‚Не, оче Аврааме, туку, ако некој од мртвите отиде при нив, тогаш ќе се покајат.‘
31 Авраам му рече: ‚Штом Мојсеја и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат.‘«