Bible

Say Goodbye

To Clunky Software & Sunday Tech Stress!

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Judges 8

:
Macedonian - 1990
1 И му рекоа Ефремовците: »Зошто направи така, та нѐ повика, кога замина да војуваш против Мадијамците?« И многу се караа со него.
2 Гедеон им одговори: »Па што направив така, како вие сега? Нели се пабирките на Ефрема подобри од гроздоберот на Авиезер?
3 Во ваши раце Бог ги предаде мадијамските кнезови Орива и Зива, и како можев јас да сторам такво нешто, како вие?« Тогаш духот нивни спрема него се смири штом тој им ги кажа тие зборови.
4 А кога дојде Гедеон кај Јордан, го премина тој и тристоте души, што беа со него. Тие беа уморни поради гонењето на непријателот.
5 И им рече тој на жителите на Сокхот: »Дајте им леб на овие мажи што се со мене, зашто се гладни; јас ги гонам мадијамските цареви Зевеја и Салмана.«
6 Сокхотските началници рекоа: »Зар раката на Зевеја и Салмана е веќе во твои раце, та да ѝ даваме леб на војската твоја?«
7 Гедеон одговори: »Не така, туку кога Господ ќе ги предаде Зевеја и Салмана во рацете мои, јас ќе ги уништам телата ваши со трње од пустињата и со боцки.«
8 Оттука отиде во Фануил и им го рече истото на неговите жители, и фануилските жители му одговорија, како што одговорија жителите на Сокхот.
9 Тој им кажа и на фануилските жители: »Кога ќе се вратам во мир, ќе ја растурам таа кула.«
10 А Зевеј и Салман беа во Каркара и војските нивни со нив до петнаесет илјади, сѐ што беше останало од сета војска на жителите од исток; а паднаа сто и дваесет илјади души мечоносци.
11 И отиде Гедеон при оние што живееја во шатори на исток од Нов и Јегевал и го разби логорот, кога логорот стоеше безгрижно.
12 Зевеј и Салман избегаа; тој се спушти по нив и ги фати двајцата цареви Зевеја и Салмана, и го доведе во збрка целиот логор.
13 Тогаш Гедеон, синот на Јоаса, се врати од војната пред изгревот на сонцето.
14 И фати едно момче од жителите сокхотски и го распраша; и тој му ги напиша имињата на началниците и старешните сокхотски седумдесет и седум души.
15 Потоа дојде кај жителите сокхотски и рече: »Ете, Зевеј и Салман, за кои ми се потсмевавте, велејќи: ‚Зар раката на Зевеја и Салмана е веќе во твои раце, та да им даваме леб на твоите изморени дуѓе?‘«
16 И зеде трње од пустињата и боцки, па ги казни со нив градските старешини, жители на Сокхот.
17 и ја сруши фануилската кула и ги уби градските жители.
18 И му рече на Зевеја и Салмана: »Какви беа оние, што ги убивте на Тавор?« Тие одговорија: »Беа како тебе секој прилегаше на царски син.«
19 Гедеон рече: »Тие беа мои браќа, синови на мајка ми! Господ нека ми е сведок: да бевте ги оставиле живи, не би ве убил ни јас.«
20 И му рече на Јетера, својот првороден син: »Стани, убиј ги!« Но момчето не го извади мечот свој; се плашеше, бидејќи беше уште млад.
21 Тогаш Зевеј и Салман рекоа: »Стани сам и порази нѐ, зашто според човекот е и силата негова.« И стана Гедеон, и ги уби Зевеја и Салмана, и ги зеде веришките, што беа околу вратовите на камилите нивни.
22 И му рекоа Израилците на Гедеона: »Владеј со нас ти и син ти и внук ти, бидејќи ти нѐ спаси од рацете на Мадијамците.«
23 Гедеон им одговори: »Ниту јас ќе владеам со вас, ниту мојот син ќе владее со вас; Господ нека владее со вас.«
24 И им рече уште Гедеон: »Ве молам за едно, дајте ми секој по еден накит од пленот свој. Зашто непријателите, бидејќи беа Исмаилци, имаа многу златен накит.«
25 Тие одговорија: »Ќе дадеме.« И послаа една облека и фрлаше таму секој по еден накит од пленот свој.
26 Златните накити, што тој ги измоли, тежеа илјада и седумстотини сикли, освен веришките, копчињата и пурпурните одежди, што ги носеа мадијамските цареви, и освен златните веришки што беа на вратовите од камилите нивни.
27 Од тоа Гедеон направи Ефод и го стави во својот град, во Ефрат; и почнаа сите Израилци блудно да одат таму, по ефодот, кој беше замка за Гедеона и целиот дом негов.
28 Така се смирија Мадијамците пред синовите Израилеви и повеќе не кренаа глава, и земјата беше спокојна четириесет години во деновите на Гедеона.
29 И отиде Јероваал, Јоасовиот син, и живееше во својот дом.
30 Гедеон имаше седумдесет сина, произлезени од бедрата негови, бидејќи имаше многу жени.
31 А и наложницата, која живееше во Сихем, му роди син, и нему му даде име Авимелех.
32 И умре Гедеон, синот Јоасов, во длабока старост, и беше погребан во гробот на таткото свој, Јоас, во Ефрат Авиезеров.
33 Откако умре Гедеон, Израилевите синови пак почнаа да одат блудно по Вааловци и го поставуја за свој бог Ваалверита.
34 Израилевите синови не се сетија на Господа, својот Бог, Кој ги беше спасувал од рацете на сите околни непријатели,
35 и кон домот на Јероваала, односно на Гедеона, не покажаа благодарност за сите добрини што му ги направи Тој на Израилот.