Judges 21
1 И се заколнаа Израилците во Масифа, велејќи: »Никој од нас да не ја дава ќерка си на Ванијаминовите синови за жена!«
2 И народот дојде во Божјиот дом, седеа таму до вечерта пред Бога, кренаа голем писок, силно плачеа
3 и велеа: »Господи, Боже Израилев, зошто се случи ова во Израилот, па сега изчезна едно племе во Израилот.«
4 На другиот ден народот порани, и подигна таму жртвеник и принесоа жртви сепаленици, и мирни жртви.
5 И рекоа синовите Изарилеви: »Кој уште од сите Израилеви племиња не дошал на собранието пред Господа?« Зашто голама клетва беше изречена пред оние, што не беа дошле пред Господа во Масифа, и беше речено, дека тие ќе бидат предадени на смрт.
6 И синовите Израилеви се смилија над братот свој Венијамина и рекоа: »Денес се истреби едно племе од Израилот;
7 што да направиме за жени на другите од нив, кога се заколнавме во Господа дека нема да им ги даваме ќерките свои за жени?«
8 И рекоа: »Нема ли некое од племињата Израилеви, кое не е дојдено пред Господа во Масифа?« И се покажа дека од Јавис Галадски никој не дошол на собранието пред Господа.
9 Го прегледаа народот, и ете, немаше ни еден од жителите на Јавис Галадски.
10 И општеството испрати таму дванаесет илјади души, и им дадоа заповед, велејќи: »Одете и поразете ги со меч жителите на Јавис Галадски, и жените и децата;
11 и еве што ќе направите: ‚Секој маж и секоја жена, што познава машко легло, убијте ги, а момите оставете ги живи.‘« Така и направија.
12 И најдоа меѓу жителите на Јавис Галадски четиристотини моми, што не познале машко легло, и ги доведоа во логорот при Силом, кој е во Хананската земја.
13 Тогаш целото општество испрати луѓе да разговараат со синовите Венијаминови, кои беа кај карпата Римон, и им објави мир.
14 И така Венијаминовите синови се вратија и им дадоа жени, што беа останале живи од жените на Јавис Галадски; но излезе, дека тие на стасуваат.
15 А на народот, пак, му беше жал за Венијамина, поради тоа што Господ не ја зачува целината на Израилевите племиња.
16 И си рекоа старешините народни: »Што да направиме за жени на другите синови, бидејќи жените кај Венијамина се истребени?«
17 И рекоа: »Наследството на Венијамина нека остане, за да не се сотре едно племе од Израилот.
18 Но ние не можеме да им дадеме жени од нашите ќерки, зашто синовите Израилеви се заколнаа, велејќи: ‚Проклет да биде оној, што ќе му даде жена на Венијамина!‘«
19 И рекоа: »Ете, секоја година е празник Господов во Силом, на север од Ветил и на исток од патот, кој води од Ветил за Сихем, и на југ од Левона.«
20 И им заповедаа на синовите Венијаминови, велејќи: »Одете и сокријте се во лозјата,
21 и гледајте, кога ќе излезат силомските моми да играат оро, излезете од лозјата и грабнете си секој жена за себе од силомските моми, па одете си во земјата Венијаминова;
22 а кога ќе дојдат татковците, или браќата нивни да се поплачат кај нас, ние ќе им речеме: ‚Простете ни за нив, бидејќи ние не зедовме за секого од нив жена во време на војната, и вие не им дадовте; сега вие сте виновни.‘«
23 Така и направија синовите Венијаминови, и зедоа според бројот свој жени од оние, што беа во орото и кои ги одзедоа, па тргнаа и се вратија во делот свој, и изградија градови и заживееја во нив.
24 Во исто време Израилците се разотидоа оттаму секој во родот свој и во племето свое, а оттаму отиде секој во делот свој.
25 Во тие денови Израил немаше цар: секој го правеше она, што му се чинеше дека е право.