Joshua 7
1 Но синовите Израилеви направија голем грев и зедоа од заколнатото. Ахан, синот на Хармија, син на Завдија, Заров син од Јудиното племе, зеде од заколнатото, и гневот Господов се разгори против синовите Израилеви.
2 Од Јерихон Исус испрати луѓе во Гај, кој е на спротива на Витаин, источно од Ветил, и им рече: »Одете, разгледајте ја земјата!« Тие отидоа и го разгледаа Гај.
3 И откако се вратија кај Исуса, му рекоа: »Нека не оди целиот народ, туку нека отидат две до три илјади луѓе и ќе го разбијат Гај; не праќај го таму целиот народ, бидејќи тие се малку на број.«
4 И така, отидоа таму од народот околу три илјади души, но тие почнаа да бегаат пред гајските жители;
5 гајските жители убија од нив до триесет и шест души, ги гонеа од портите и ги разбија при стрмнината на планината; од тоа срцата на луѓето се растопија и станаа како вода.
6 Исус ја раскина облеката своја и падна ничкум на земјата пред ковчегот на Господа и лежеше дури до вечерта, тој и старешините Израилеви, и ги посипаа со пепел главите свои.
7 И рече Исус: »Ти се молам, Господи Боже, зошто го преведе слугата Твој народот преку Јордан, за да ги предадеш во рацете на Аморејците на погубување? Камо да бевме останале да живееме од онаа страна на Јордан!
8 О, Господи, што да кажам, бидејќи Израилот го свте грбот пред своите непријатели?
9 Хананејците и сите жители на земјата ќе чујат, ќе нѐ опколат и ќе нѐ истребат нас од земјата. И што ќе направиш за името Твое Големо?«
10 Господ му одговори на Исуса: »Стани, зошто падна ничкум?
11 Згрешија луѓето и ја прекршија мојата заповед, што им ја дадов; украдоа од проколнатото, и го сокрија меѓу работите свои;
12 затоа синовите Израилеви не можат да издржат пред непријателите свои и им свртија грб, бидејќи тие потпаднаа под клетвата; нема да бидам веќе со вас, ако не го отстраните од вас проколнатото.
13 Стани, очисти го народот и кажи: ‚Очистете се за утре, бидејќи така вели Господ, Бог Израилев: »Проколнатото е во тебе, Израиле; затоа ти не ќе можеш да издржиш пред непријателите свои, додека не го отстраниш од себеси проклетството.«
14 Соберете се утре сите според племињата свои; племето, пак, што ќе го покаже Господ, нека мине по родовите; и родот, што ќе го покаже Господ, нека мине по домовите, што ќе ги покаже Господ, и нека мине човек по човек;
15 кој ќе биде фатен, дека украл од проколнатото, со оган нека се изгори тој и сѐ што е негово, затоа што ја прекршил заповедта на Господа и направил престап меѓу Израилот.‘«
16 Откако стана утредента рано, Исус ги преведе луѓето според племињата свои, и беше покажано Јудиното племе;
17 потоа заповеда да минат родовите на Јуда, и беше посочен родот на Зара; му заповеда на Заровиот род да мине според домовите, и се појави родот на Завдија;
18 Му заповеда на домот негов да мине човек по човек, и беше покажан Ахан, синот на Хармија, син на Завдија, Заров син, од Јудиното племе.
19 Тогаш Исус му рече на Ахан: »Синко, прослави Го Господа, Бога Израилев, исповедај се пред Него и кажи ми, што си направил; не криј од мене.«
20 Ахан му одговори на Исуса и рече: »Навистина, јас згрешив пред Господа, Бога Израилев, и го направив ова и ова;
21 меѓу предметите пленети видов една убава и добра облека, и две дидрахми сребро и еден сосуд од злато, со вредност од педесет дидрахми; тоа ми се свиде и јас го зедов; и, ете, тоа е сокриено во земјата во домот мој, и среброто е сокриено под него.«
22 Исус испрати луѓе, и тие отидоа во домот негов во логорот; и ете, сето тоа беше сокриено во домот негов, и среброто под него.
23 Тие го изнесоа тоа од домот, го донесоа кај Исуса и кај старешините Израилеви и го ставија пред Господа.
24 Тогаш Исус и сите Израилци со него го зедоа Заровиот син Ахан, среброто, облеката, и сосудот од злато, синовите негови и ќерките негови, воловите негови и ослите негови, овците негови и домот негов, и сѐ што беше негово, и го одведоа во долината Ахор.
25 И рече Исус: »Затоа што некои од нас истреби, Господ ќе те истреби денес тебе.« И сите Израилци го убија со камења, го изгореа него и предметите со оган, и нафрлаа врз нив камења.
26 И нафрлаа врз него голема грамада камења, која остана сѐ до ден денес. Потоа стивна силата од гневот на Господа. Поради тоа, она место денес се вика »Долината Ахор«.