Job 20
1 Проговори Софар и рече:
2 »Размислувањата мои ме поттикнуваат да одговарам, брзам да ги искажам.
3 Срамен прекор чув за мене, но духот на мојот разум ќе одговори за мене.
4 Зар не знаеш ти дека е тоа од памтивека, – откога е човекот поставен на земјата,
5 дека славата на беззакониците е краткотрајна, и радоста на лицемерниот е за миг?
6 И до небесата да се издигне величието негово, и до облаците да се допира главата негова, –
7 тој засекогаш ќе пропадне, како и гадотиите негови; оние што го виделе, ќе кажат: – каде е тој?
8 Како сон ќе одлета, и нема да го најдат; како ноќно привидение ќе исчезне.
9 Кое око го видело, повеќе нема да го види, и местото негово повеќе нема да го зебележи.
10 Синовите негови ќе им се умилкуваат на сиромасите, и рацете негови ќе го вратат она што го ограбил
11 Коските негови се полни со гревови на младините негови, со него ќе легнат тие во земјата.
12 Ако злото е слатко во устата негова, и тој го крие од јазикот свој,
13 го чува и не го фрла, туку го држи во устата своја, –
14 сепак таа храна во утробата негова, внатре во него, ќе се претвори во змиски отров.
15 Ќе го изблуе доброто што го голтнал: Бог ќе го исфрли од стомакот негов.
16 Змиски отров ќе смука тој; јазикот на змијата ќе го умртви.
17 Нема да види потоци и реки од мед и млеко.
18 Спечаленото со труд ќе го врати, нема да го изеде; според имотот негов ќе стане и плаќањето негово; и тој нема да се зарадува.
19 Зашто јадеше и ги напаѓаше сиромасите; заграбуваше куќи што не ги беше градел;
20 не знаеше ситост во стомакот свој, и во жедта своја ништо не штедеше.
21 Ништо не се откинуваше од лакомоста негова, затоа и радоста негова нема долго да потрае.
22 При полно изобиле, тесно ќе му биде; рацете на сиромасите ќе се кренат врз него.
23 Кога има со што да го наполни стомакот негов, Тој ќе ја примени врз нега јароста на Својот гнев и ќе истури како дожд врз него болести во телото негово.
24 Ќе избега ли од железното оружје, – бакарен лак ќе го прободе.
25 Пуштената стрела ќе мине низ телото негово, ќе излезе со својот болскав врв низ жолчката негова; ужасите на смртта ќе се нафрлуваат врз него!
26 Сѐ што е мачно и сокриено во него, ќе го гори оган, од никого не раздуван; зло ќе ги снајде и другите во шаторот негов.
27 Небото ќе го открие беззаконието негово, а и земајта ќе се крене против него.
28 Ќе исчезне богатството на куќата негова; сѐ ќе се растури во денот на гневот Божји.
29 Тоа е делот од бога за беззакониот човек и наследство, определено за него од Вседржителот!«