Job 17
1 »Дишењето ми ослабна; дните мои гаснат; гробишта има пред мене.
2 Да не беше нивниот потсмев, тогаш и покрај нивните приговори окото мое ќе беше спокојно.
3 Заштити ме, заложи се Сам за мене пред Себе! Инаку, кој ќе се заложи за мене?
4 Зашто Ти го затвори срцето нивно за да не можат да разбираат, и затоа нема да им дозволиш да ликуваат.
5 Кој им го дели на пријателите свои имотот свој, на неговите деца очите им истечуваат.
6 Он ме прави приказ кај луѓето и секој може в лице да ми плукне.
7 Окото мое од тага ми потемне, а рацете и нозете од слабост ми треперат.
8 Праведните ќе се зачудат на тоа и невините ќе негодуваат против беззакониците.
9 Но праведникот ќе се држи цврсто за својот пат, и чистиот во рацете сѐ повеќе и повеќе ќе се зацврстува.
10 Вратете се сите вие и одете си; нема да најдам мудар меѓу вас.
11 Дните мои изминаа; мислите мои – тежина на срцето мое – се разбиени.
12 Во ноќта најцрна нов ден се приближува, се приближува светлината што темнината ја гони.
13 А мојата надеж е да појдам во гроб и таму во темнина да ја постелам постелата своја;
14 на гробот ќе му речам: ти си ми татко, а на црвот – ти си мајка и сестра.
15 Каде е надежта моја? И кој некогаш ќе го види доброто што го очекувам?
16 Ќе слезе таа во пеколот и заедно во правот ќе почива со мене.«