Job 1
1 Имаше еден човек во земјата Уз, по име Јов; тој човек беше непорочен, праведен, богобојазлив и го одбегнуваше злото.
2 И му се родија седум синови и три ќерки.
3 Имотот му беше: седум илјади овци, три илјади камили, петстотини рала волови, петсоттини ослици и мошне многу слуги; и тој човек беше најпрочуен меѓу сите синови на Исток.
4 Синовите негови се собираа и приредуваа гозби секој во домот свој, на својот ден, а ги покануваа и трите свои сестри да јадат и да пијат со нив.
5 Кога завршуваа дните на гозбите, Јов ги повикуваше, та ги советуваше, и станувајќи изутрина рано, принесуваше сепаленици по бројот на сите нив и едно теле за грев на душите нивни. Зашто Јов велеше: можеби синовите мои згрешиле и го навредиле Бога во срцето свое. Така постапуваше Јов во сите такви денови.
6 Еден ден дојдоа синовите Божји за да застанат пред Господа; меѓу нив дојде и сатаната.
7 И му рече Господ на сатаната: »Од каде дојде?« А сатаната му одговори на Господа и рече: »Одев по земјата и ја обиколив.«
8 И Господ му рече на сатаната: »Обрна ли внимание на мојот слуга Јов? Оти на земајта нема таков како него: човек непорочен, праведен, боговојазлив и кој го одбегнува злото.«
9 Му одговори сатаната на Господа и рече: »Зар попусто Јов е богобојазлив?
10 Не го огради ли Ти него и куќата негова наоколу и сѐ што има тој? Ти ги благослови делата на рацете негови, стадата негови се шират по земјата;
11 но пружи ја раката Своја и допри се до сѐ што е негово, ќе Те благослови ли тогаш.«
12 И му рече Господ на сатаната: »Еве, сѐ што е негово, е во твоја рака; само врз него не кревај рака?« – И си отиде сатаната од лицето Господово.
13 Еден ден синовите и ќерките на Јова јадеа и пиеја вино во куќата на првородениот брат свој.
14 И ете, доаѓа известувач при Јова и вели: »Воловите ораа и ослиците пасеа покрај нив,
15 кога Савејците нападнаа и ги отераа, а момоците со остар меч ги погубија; избегав само јас за да ти јавам.«
16 Додека уште говореше, дојде друг и вели: »Оган Божји од небото падна, ги изгори овците и момоците и ги голтна; и побегнав само јас, за да ти јавам.«
17 Додека тој говореше, дојде трет па вели: »Халдејците, наредени во три чети, нападнаа на камилите и ги отераа, а момците со остар меч ги погубија; само јас избегав, за да ти јавам.«
18 И додека тој уште говореше, се појави друг и рече: »Синовите и ќерките твои јадеа и пиеја во куќата на првородениот брат свој;
19 ете, дувна силен ветар откај пустињата и ги зафати четирите агли на куќата; куќата се урна врз децата и тие умреа; се спасив само јас, за да ти јавам.«
20 Тогаш Јов стана, ја раскина горната облека, ја острига главата своја и падна на земја, па се поклони
21 и рече: »Гол излегов од утробата на мајка ми, гол и ќе се вратам. Господ даде, Господ го зеде; како што му беше угодно на Господа, така и станува. Нека е благословено името Господово!«
22 Во сето тоа Јов не згреши и ништо неразумно не изрече за Бога.