Jeremiah 271990

1Во почетокот од царувањето на јудејскиот цар Јоакима, син Јосиев, би слово Господово до Јеремија.

2Вака ми рече Господ: направи си јажиња и јарем, па стави ги околу вратот.

3И прати исто такви до идумејскиот цар, до моавскиот цар, до царот на синовите Амонови, до тирскиот цар и до царот на Сидон, по пратеници, што дошле во Ерусалим кај јудејскиот цар Седекија,

4и порачај им да им кажат на господарите свои – вака вели Господ Саваот, Бог Израилев – кажете им го ова на вашите господари:

5ја создадов земјата, човекот и животните, што се по земјината топка, со големата своја сила и со Својата крената мишка, па му ја давам на оној, кому сакам.

6А, еве, сега, сите тие земји ги предавам во раката на вавилонскиот цар Навуходоносор, Мојот слуга, дури и ѕверовите полски му ги предава, за да му служат.

7И сите народи ќе му служат нему и на синот негов, и на внукот негов, сѐ додека дојде времето на земјата негова и на него самиот, и ќе му служат многу народи и големи цареви.

8А, ако некој народ и некое царство не ќе сака да му служи на вавилонскиот цар Навуходоносора и нема да го свитка вратот под јаремот на вавилонскиот цар, тој народ Јас ќе го казнам со меч, со глад и со помор, вели Господ, додека не го истребам преку раката негова.

9А вие не слушајте ги вашите пророци и вашите бајачи, вашите јасновидци, вашите маѓепсници и вашите вражачи, кои ви велат: »Нема да му служите на вавилонскиот цар.«

10Затоа што тие ви пророкуваат лага, за да ве оддалечат од земјата ваша, па Јас да ве изгонам и вие да загинете.

11А оној народ, што ќе го подведе вратот свој под јаремот на вавилонскиот цар и ќе му служи, ќе го оставам во неговата земја, вели Господ, и тој ќе си ја обработува и ќе живее во неа.

12И на јудејскиот цар Седекија Јас му ги кажав истите зборови, велејќи: наведнете го вратот под јаремот на вавилонскиот цар и служете му нему и на народот негов, па ќе бидете живи.

13Зошто да умреш ти и народот твој од меч, од глад и од помор, како што вели Господ за овој народ, што не сака да му служи на вавилонскиот цар?

14И немојте да ги слушате зборовите на пророците, кои ви велат: »нема да му служите на вавилонскиот цар«, зашто тие ви пророкуваат лага.

15Јас не сум ги пратил, вели Господ; и тие лажно пророкуваат во Мое име, за да ве изгонам и да загинете, вие и пророците ваши, кои ви пророкуваат.

16Им зборував и на свештениците и на сиот овој народ – вака вели Господ: не слушајте ги зборовите на вашите пророци кои ви пророкуваат и велат: »еве, наскоро ќе бидат вратени од Вавилон садовите на домот Господен«, бидејќи тие ви пророкуваат лага.

17Не слушајте ги, туку служете му на вавилонскиот цар и живејте; зошто да го доведете овој град до запустување?

18Ако се, пак, тие пророци, и ако во нив има слово Господово, нека се молат пред Господа Саваота, па садовите што станале во домот Господен, во домот на јудејскиот цар и во Ерусалим, и да не се однесат во Вавилон.

19Оти вака вели Господ Саваот: за столбовите и за морето, и за подножјата како и за другите работи, што останаа во овој град,

20а кои вавилонскиот цар Навуходоносор не ги зеде, кога го одведе во ропство јудејскиот цар Јехонија, синот Јоакимов, царот јудејски од Ерусалим и сите старешини во Вавилон,

21зашто вака вели Господ Саваот, Бог Израилев, за садовите што останаа во домот Господен, во домот на јудејскиот цар и во Ерусалим:

22тие ќе бидат однесени во Вавилон и таму ќе останат, сѐ додека ве посетам, вели Господ, и ве изведам и ве вратам во ова место.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016 © Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016

Choose Translation

Switch translation for Jeremiah 27.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.