1Слово Господово до Јеремија:
2Чујте ги зборовите на овој завет и кажете им на луѓето од Јудеја и на ерусалимските жители;
3и речи им: вака вели Господ, Бог Израилев – проклет да е оној човек што нема да ги послуша зборовите на овој завет,
4што им ги заповедав Јас на татковците ваши, кога ги изведов од Египетската земја, од железната печка, велејќи: чујте го гласот Мој и правете што ќе ви заповедам – па ќе бидете Мој народ, и Јас ќе бидам ваш Бог,
5за да се исполни клетвата, со која им се заколнав на татковците ваши – да им дадам земја, каде што тече мед и млеко, како што е сега. Па одговорив и реков: амин, Господи!
6И ми рече Господ: објави ги сите овие зборови по градовите на Јуда и по ерусалимските улици, и речи – слушајте ги зборовите на овој завет и исполнувајте ги.
7Зашто Јас постојано им напомнував на татковците ваши од оној ден, кога ги изведов од Египетската земја, па сѐ до денес; и им зборував од рано утро, велејќи: слушајте го гласот Мој.
8Но тие не слушаа и не го свртија увото свое, туку одеа секој според тврдокорноста на своето лошо срце; затоа испратив врз нив сѐ што е речено во овој завет, кој им го заповедав да го исполнуваат, но тие не го исполнуваа.
9И ми рече Господ: има бунт меѓу луѓето на Јуда и жителите на Ерусалим;
10тие се вратија кон беззаконијата на своите прадедовци, кои се откажаа да ги слушаат зборовите Мои, па тргнаа по туѓи богови, за да им служат. Домот на Јуда и домот на Израилот го нарушија Мојот завет, што го бев склучил со татковците нивни.
11Затоа вака вели Господ: еве, ќе испратам врз нив зло, од кое не ќе можат да се избават, и кога ќе повикаат кон Мене, нема да ги чујам.
12Тогаш градовите на Јуда и жителите на Ерусалим ќе појдат и ќе повикаат кон боговите, на кои им кадат; но тие нема да им помогнат во времето на нивното зло.
13Оти, коку градови имаш, Јудо, толку имаш и богови, и колку улици има во Ерусалим, толку жртвеници подигнавте на она што е срамно, жртвеници за кадење на Ваала.
14Но ти немој да молиш за тој народ и не упатувај за нив молитви и молби; оти нема да ги чујам, кога во злото свое ќе повикаат кон Мене.
15Што бара Мојата сакана во домот Мој, кога во него се извршуваат многу срамни работи? И жртвуваното месо нема да ти помогне, кога се радуваш, правејќи зло.
16Зелена маслина те нарече Господ која се украсува со убави плодови. А сега, при шумот на големиот смут, Он заполи оган околу неа и гранките нејзини се скршија.
17Господ Саваот, Кој те посади, пресуди за тебе зло поради злото на домот Израилев и на домот Јудин, што го направија со тоа што Ме разгневија со кадењето свое на Ваала.
18Господ ми откри, и јас знам; ти ми ги покажа нивните дела.
19Јас, пак, како кротко јагне, водено на клање, и не знаев дека тие смислуваат заговор против мене, велејќи: »да му ставиме отровно дрво во неговото јадење, и да го истргнеме од земјата на живите, така што ни името негово веќе да не се споменува.«
20Но Ти, Господе Саваоте, праведен Судијо, Кој ги испитуваш срцата и утробите, допушти да ја видам Твојата одмазда врз нив, бидејќи Тебе ти го доверив своето дело!
21Затоа така вели Господ, за луѓето од Анатот, кои сакаат да ја одземат душата твоја и кои велат: не пророкувај во името на Господа, за да не умреш од рацете наши;
22поради тоа вака вели Господ Саваот: еве, Јас ќе ги посетам; младичите нивни ќе умрат од меч; синовите и ќерките нивни ќе умрат од глад.
23И нема ништо да остане од нив, зашто ќе испратам зло врз Анатотите во годината, кога ќе ги посетам.