Isaiah 65
1 Јас им се открив на оние, кои не прашуваа за Мене, кои не Ме бараа: »еве Ме, еве Ме!« – му велев на народ, кој не го повикуваше името Мое.
2 Секогаш ги протегав рацете Свои кон непокорниот народ, кој одеше по лош пат, – по своите помисли, –
3 кон народ, кој постојано Ме наскрбува в лице, принесува жртви во шумичките и пали темјан на црепчиња,
4 седи во гробови и ноќева во пештери; јаде свинско месо, а во садовите негови има гнасно вариво;
5 кои велат: »Застани, не се доближувај до мене, зашто сум свет за Тебе.« Тие се дим на ноздрите Мои. – оган што гори секој ден.
6 Ете, што е напишано пред лицето Мое: нема да премолчам, туку ќе отплатам, ќе отплатам во пазувата нивна,
7 за нивните беззаконија, вели Господ, и заедно со беззаконијата на татковците нивни, кои кадеа темјан по планините, и по ридовите Ме навредуваа, – ќе им одмерам во пазувите нивни и за нивните поранешни дела.
8 Вака вели Господ: »Кога во гроздот има сок, не го повредувај, зашто во него има благослов; исто ќе направам и за Моите слуги, та сите да не ги погубам.
9 И ќе произведам од Јакова потомство, а од Јуда – наследник на Моите гори; и тоа ќе го наследат Моите избрани, таму ќе живеат слугите Мои.
10 И Сарон ќе биде пасиште за овци, а долината Ахор – пладниште за говедата на Мојот народ, кој Ме побара.
11 А вас, кои го оставивте Господа, ја заборавивте Мојата света гора, готвите трпеза за Гад и отворате полна чаша за Мени, –
12 вас ве определив за меч, сите ќе се наведнете за колење, зашто викав – и не одговаравте, говорев – не слушавте, но вршевте зло пред очите Мои и го избиравте она, што не беше по волјата Моја.«
13 Затоа вака вели Господ Бог: »Ете, слугите Мои ќе јадат, а вие ќе гладувате; слугите Мои ќе пијат, а вие ќе се измачувате од жед;
14 слугите Мои ќе се веселат, а вие ќе бидете во срам; слугите Мои ќе пеат од срдечна радост, а вие ќе пиштите од срдечна жалост и ќе плачете од отпаднатоста на вашиот дух.
15 И ќе им го оставите името свое на Моите избрани за проклетство; а тебе ќе те убие Господ Бог, и слугите Свои ќе ги нарече со друго име,
16 оној, што се благословува на земјата, нека се благословува со вистинскиот Бог; и кој се колне на земјата, нека се колне со вистинскиот Бог, – зашто поранешните жалости ќе бидат заборавени и сокириени од Моите очи.
17 Оти, ете, Јас создавам ново небо и нова земја, а поранешните нема повеќе да се спомнуваат, ниту на ум ќе доаѓаат.
18 А вие ќе се веселите и ќе се радувате довека за она што јас го создавам: зашто, ете, Јас ќе го создавам Ерусалим за веселба, а народот негов – за радост.
19 Ќе се радувам за Ерусалим и ќе се веселам за Мојот народ; и нема повеќе да се чуе глас во него од плачење и глас од пискот.
20 Таму веќе нема да има малолетен ни старец, што нема да ги исполни деновите свои; стогодишникот умира како момче, но умира ли стогодишен грешник, ќе биде проколнуван.
21 Ќе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе ги јадат плодовите нивни.
22 Нема да градат, за да живее друг, нема да садат, за да јаде друг; зашто дните на народот Мој ќе бидат како дните на дрво, и моите избрани долго ќе се користат со делото на рацете свои.
23 Нема да се трудат напразно и да раѓаат деца за скрб; зашто ќе бидат семе, благословено од Господа, и потомците нивни со нив.
24 И пред тие да повикаат, Јас ќе одговорам; тие уште ќе говорат, а Јас веќе ќе ги чујам.
25 Волк и јагне ќе пасат заедно, а лавот ќе јаде слама како вол, а на змијата правот ќе ѝ биде храна: тие нема да причинуваат зло и штета по целата Моја света гора«, вели Господ.