Bible

Upgrade

Your Church Presentations in Minutes

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Isaiah 62

:
Macedonian - 1990
1 Нема да замолчам заради Сион, ниту ќе се успокојам заради Ерусалим, додека правдата негова не изгрее како светлина, и спасението негово како запалена светилка.
2 И народите ќе ја видат твојата правда, и сите цареви твојата слава; и ќе ги наречат со ново име, кои устата Господова ќе го изрече.
3 И ќе бидеш венец на слава во раката Господова и царска круна врз дланката на твојот Бог.
4 Нема веќе да те нарекуваат »изоставен«, ниту земјата твоја повеќе ќе ја именуваат »пустиња«, туку ќе те нарекуваат »Мое благоволение кон него«, а земјата твоја »омажена«, зашто Господ благоволил кон тебе, и земјата твоја цела ќе биде населена.
5 Како што момче се жени со мома, така и синовите твои ќе се соединат со тебе; и како што младоженецот се радува на невестата, така ќе ти се радува тебе твојот Бог.
6 На ѕидовите твои Ерусалиме, поставив стража, која нема да молкне ни дење, ни ноќе. О, вие што го спомнувате Господа, не замолкнувајте!
7 Не замолчувајте пред Него, додека Он не го обнови Ерусалим и додека не ја издигне славата негова на земјата.
8 Господ се заколна во десницата Своја и во силната мишка Своја: нема повеќе да го давам твоето жито за храна на непријателите твои; и синови на туѓинци нема да го пијат виното твое, за кое си се трудел;
9 но собирачите негови ќе го јадат и ќе го слават Господа, и берачите на грозјето ќе го пијат виното негово во дворовите на Моето светилиште.
10 Минувајте, минувајте низ портите, приготвувајте пат за народот! Рамнете, рамнете го патот, собирајте ги камењата, кренете знаме за народите!
11 Ете, Господ објавува до крајот на земјата: кажете ѝ на ќерката Сионова: твојот Спасител иде; наградата Негова е со Него, а отплатата Негова пред Него.
12 И ќе ги наречат свет народ, откупен од Господа, а тебе ќе те наречат »баран«, град неизоставен.