Isaiah 55
1 Вие, што жедувате, дојдете сите при водите; дури и вие, кои немате сребро, дојдете, купувајте и јадете; дојдете, купувајте вино и млеко без сребро и без плаќање.
2 Зошто да давете сребро за она, што не е леб, и заработката своја – за она, што не наситува? Послушајте Ме внимателно и јадете, што е добро, и душата ваша нека се наслади со мрс.
3 Приклонете го увото и дојдете при Мене; послушајте, и душата ваша ќе биде жива, – ќе ви дадам вечен завет, неизменливи милости, ветени на Давида.
4 Ете, Него го дадов сведок за народите, водач и заповедник на народите.
5 Ете, ти ќе повикаш народ, што не си го познавал, и народите, кои не те познавале, ќе побрзат кон тебе, заради Господа, твојот Бог, заради светецот Израилев, зашто Он те прослави.
6 Барајте го Господа, кога можете да Го најдете; викајте Го додека е близу.
7 Нечесниот нека го остави патот свој, и беззаконикот – помислите свои и нека се обрне кон Господа, нашиот Бог, – и Он ќе го помилува, зашто е многу милостив.
8 Моите мисли не се ваши мисли, ниту вашите патишта се Мои патишта, вели Господ.
9 Но, како што е небото повисоко од земјата, така се и Моите патишта повисоки од вашите патишта, и мислите Мои повисоко од вашите мисли.
10 Како што дождот и снегот паѓаат од небото и таму не се враќаат, туку ја напојуваат земјата и ја прават способна да раѓа и да се зеленее, за да му дава семе на оној, што сее и леб на оној, кој јаде,
11 така и Моето слово, што излегува од устата Моја, не се враќа кон Мене празно, туку го исполнува она, што му е угодно, и го прави она за што сум го испратил Јас.
12 И така, вие ќе излезете во веселба и ќе бидете испратени со мир; горите и ридовите ќе пеат песна пред вас, и сите дрвја во полето ќе ракоплескаат.
13 Место трн ќе израсне кипарис; место коприва ќе израсне мирта; и тоа ќе биде за слава на Госпдоа, за вечен знак, неразрушив.