Isaiah 27
1 Во тој ден Господ ќе го порази со Својот тежок, со Својот голем и јак меч левијатанот – змејот што лета, а левијатанот – лукавиот змеј и ќе го убие морското чудовиште.
2 »Во тој ден запејте за Него – за саканото лозје.«
3 Јас, Господ, сум негов чувар, во секој миг го напојувам; ноќе и дење го вардам, за да не влезе некој во него.
4 Гнев нема во Мене. Но ако некој Ми покаже во него трње и боцки, ќе кренам против него војна, ќе го изгорам сосема, –
5 освен, ако пребегне кон заштитата Моја и склучи мир со Мене. Тогаш нека склучи мир со Мене.
6 Во идните дни Јаков ќе се вкорени; Израил ќе пушти гранки и ќе расцути; и вселената ќе се исполни со плодови.
7 Така ли го поразуваше Он, како што ги поразуваше оние, кои него го поразуваа? Така ли ги убиваше, како што се убивани оние, кои него го убиваа?
8 Со мерка го казнуваше Ти, кога го отфрлаше; исфрли го со силниот Свој здив, како во ден на источен ветар.
9 И преку тоа ќе се избрише беззаконието на Јакова; а плод од тоа ќе биде: ќе се симне гревот од него, кога сите камења од жртвениците ќе ги претвори во грутка вар, нема повеќе да стрчат млади шуми и идоли на сонцето.
10 Затоа утврдениот град ќе запустее, живеалиштата ќе бидат напуштени и зафрлени како пустиња. Таму ќе пасе теленце, таму ќе лежи и ќе ги подјадува гранчињата негови.
11 Кога гранките ќе му се исушат, ќе ги искршат; ќе дојдат жени и ќе ги изгорат. Бидејќи тој народ е неразумен, Творецот негов нема да го сожали, Создателот нема да го помилува.
12 Но во тој ден Господ ќе растресе сѐ од големата река до потокот Египетски, а вие, синовите Израилеви, ќе бидете собрани еден до друг;
13 во тој ден ќе затруби голема труба, и ќе дојдат оние што се загубиле во Асирската земја и прокудените во Египетската земја и ќе Му се поклонат на Господа на светата гора во Ерусалим.