Hebrews 1
1 Бог, Кој во старо време, откако многупати и на многу начини им зборуваше на оците наши преку пророците,
2 во последниве дни ни зборува преку Синот, Кого Го постави за наследник над сѐ, преку Кого ги создаде и вековите
3 и Кој, бидејќи светлост на славата и обличје на Неговото суштество, и држејќи сѐ со Своето моќно слово, откако преку Себе ги очисти нашите гревови, седна од десната страна на престолот на величието во висините
4 и стана толку погорен од ангелите, во колку пославно име од нив наследи.
5 Зашто кому од ангелите му рекол некогаш: »Ти си Син Мој, Јас Те родив денес«, и пак: »Јас ќе Му бидам Татко, а Он ќе ми биде Син?«
6 Исто така, кога Го воведе Првородниот во вселената, рече: »Да Му се поклонат сите ангели Божји!«
7 За ангелите, пак, е речено: »Ти ги правиш ангелите Свои духови, и служителите Свои оган пламенен«,
8 а за Синот: »Твојот престол, Боже, е вечен« и »Жезалот на правдата е жезал на царството Твое.
9 Тебе Ти омиле правдата, а омрзна беззаконието; затоа, Боже, Твојот Бог Те помаза со елеј на радоста повеќе од Твоите соучесници«.
10 И пак: »Во почетокот Ти, Господи, си ја основал земјата, а и небесата се дело на Твоите раце;
11 тие ќе загинат, Ти остануваш; сите ќе изветвеат како облека;
12 ќе ги свиткаш како наметало, и тие ќе се изменат: но Ти си секогаш Ист, и Твоите години нема да се свршат«.
13 А на кого од ангелите Бог некогаш му рекол: »Седи од Мојата десна страна, дури непријателите Твои не ги ставам во подножјето на нозете Твои?«
14 Нели се тие сите службени духови, определени да им служат на оние, што ќе го наследат спасението?