Bible

Transform

Your Worship Experience with Great Ease

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Genesis 37

:
Macedonian - 1990
1 Јаков живееше во земјата, во која беше придојден неговиот татко Исак, во земјата Хананска.
2 Еве го животот на Јакова: кога беше на седумнаесетгодишна возраст Јосиф го пасеше добитокот на татка си со браќата свои, со синовите на Вала и со синовите на Зелфа, жените на неговиот татко. Јосиф му носеше лоши гласови на татка си за нив.
3 А Јаков го сакаше Јосифа многу повеќе од сите синови свои, зашто му се роди под староста, и му направи шарена облека.
4 А браќата, гледајќи дека таткото нивни го сака многу повеќе од сите синови свои, го замразија, така што не можеа убав збор да му кажат.
5 Притоа Јосиф сони сон и им го раскажа на браќата свои.
6 И им рече: »Чујте го сонот што го сонив
7 врзуваме снопја во полето, и одеднаш мојот сноп се исправи, и застана прав, а вашите снопови се распоредија наоколу и му се поклонија на снопот мој.«
8 Тогаш браќата му рекоа: »Да не би ќе станеш уште цар наш и да ни заповедаш?« Затоа уште повеќе го замразија, поради соништата негови и поради зборовите негови.
9 Потоа тој сони и втор сон, и им го раскажа на татка си и на браќата свои, велејќи: »Видов и уште еден сон, а тоа сонцето и месечината и единаесетте ѕвезди ми се клањаа.«
10 Но татко му го прекори и рече: »Каков е тој сон што си го сонил? Зар јас и мајката твоја, и браќата твои, ќе дојдеме тебе да ти се поклониме доземи?«
11 И му позавидоа браќата негови; но таткото негов ги чуваше тие зборови.
12 Еднаш браќата негови отидоа да ги пасат стадата на таткото нивни кај Сихем.
13 Тогаш Израил му рече на Јосифа: »Браќата твои не го пасат ли доботокот кај Сихем? Ајде да те испратам при нив.« А тој рече: »Добро, одам.«
14 И уште му рече Израил: »Отиди и види како се браќата твои и како е добитокот, па јави ми.« И го испрати од долината Хевронска; и тој отиде во Сихем.
15 И човек еден го најде како скита по полето, па го запраша, велејќи му: »Што бараш?«
16 А тој одговори: »Ги барам браќата мои; кажи ми, те молам, каде го пасат добитокот?«
17 А човекот рече: »Тие си заминаа одовде, зашто чув како велат ајде да одиме во Дотаим.« И отиде Јосиф по браќата свои, и ги најде во Дотаим.
18 А тие го видоа оддалеку; и, пред да им се приближи, почнаа да се договараат за да го убијат.
19 И си рекоа помеѓу себе: »Ене оној што сонува, иде.
20 Ајде сега да го убиеме и да го фрлиме во некоја од овие јами, па ќе речеме лута ѕверка го изеде. Тогаш ќе видиме што ќе стане од неговите соништа.«
21 Но, кога го чу тоа Рувим, се обиде да го спаси од рацете нивни, па рече: »Да не го убиваме!«
22 И уште им рече Рувим: »Крв да не пролеваме; фрлете го во една од овите јами во пустињата, но не кревајте рака на него.« А тој сакаше да го спаси од рацете нивни и да го одведе кај татка му.
23 И кога Јосиф дојде кај браќата свои, тие му ја соблекоа облеката шарена, што ја имаше на себе.
24 И го фатија, па го фрлија во една јама; а јамата беше празна; немаше вода во неа.
25 Потоа седнаа да јадат леб. И кревајќи ги очите, видоа Исмаилци како доаѓаат од Галад со камилите свои, натоварени со миризливи растенија, балсам и смирна; го пренесуваа тоа во Египет.
26 Им рече Јуда на браќата свои: »Каква полза ќе имаме, ако го убиеме братот наш и ја сокриеме крвта негова?
27 Ајде да им го продадеме на овие Исмаилци, па да не клаваме рака на него, зашто брат ни е, наша крв е.« И го послушаа браќата негови.
28 Па кога трговците Мадијамски минуваа покрај нив, тие го извадија Јосифа од јамата и им го продадоа на Исмаилците за дваесет златници; а овие го одведоа Јосифа во Египет.
29 А кога се врати Рувим кај јамата, Јосифа го немаше во јамата. Тогаш тој ја раскина облеката своја.
30 И отиде кај браќата свои и рече: »Го нема момчето: а сега, каде да се денам јас?«
31 Тогаш ја зедоа облеката Јосифова, и заклаа јаре, па ја натопија облеката со крв.
32 И ја испратија шарената облека да се однесе на нивниот татко и да се рече: »Ја најдовме оваа облека, па види дали е тоа облеката на синот твој, или не?«
33 А тој ја позна и рече: »Облеката е на мојот син, ѕверка лута го изела; Јосиф е, навистина, растргнат.«
34 И ја раскина Јаков облеката своја, па се препаша со покајнички кострет околу себе; и тагуваше по синот свој многу дни.
35 И се собраа сите синови негови и ќерки негови да го тешат; но тој не можеше да се утеши, туку велеше: »Со тага во адот ќе појдам по синот мој.« Така го оплакуваше таткото негов.
36 А Мадијамците го продадоа Јосифа во Египет на Петефри, дворјанин на Фараонот, заповедник на стражата.