Genesis 34
1 Дина, ќерката на Лија, која му ја роди на Јакова, излезе за да ги види девојките во тој крај.
2 Но ја виде Сихем, синот на Емореецот, кнез на таа земја, ја зеде и спа со неа, и ја осрамоти.
3 И му се припи срцето негово за Дина, ќерката на Јакова, и тој ја засака девојката, и гледаше да ја придобие.
4 И му рече Сихем на Емора, таткото свој, велејќи: »Ожени ме со онаа девојка!«
5 А Јаков чу дека синот Еморов ја осрамотил Дина, ќерката негова; но, бидејќи синовите негови беа в поле со добитокот негов, Јаков замолча додека не дојдат тие.
6 Тогаш Емор, таткото Сихемов, отиде кај Јакова да поразговара со него.
7 А кога дојдоа синовите на Јакова од полето и слушнаа што станало, силно се нажалостија и огорчија многу, зашто тој му нанел срам на Израилот, преспивајќи со ќерката на Јакова, што не требаше да го направи.
8 А Емор им рече, велејќи: »Синот мој Сихем од срце ја засака вашата ќерка. Дајте му ја за жена!
9 И посватете се со нас; ќерките ваши мажете ги за нас и со ќерките наши женете се.
10 Па живејте со нас, и земјата е пред вас; населувајте ја, движете се слободно и создавајте свои имоти.«
11 А Сихем му рече на таткото на девојката и на браќата нејзини: »Само да најдам милост пред очите ваши, и ќе ви дадам сѐ што ќе ми кажете.
12 Побарајте најголем откуп и дарови: јас ќе ви дадам сѐ, што и да ми кажете; само дајте ми ја момата за жена.«
13 А синовите на Јакова му одговорија на Сихема, и на таткото негов, неискрено. А така одговорија, бидејќи беше ја осрамотил Дина, сестрата нивна.
14 И им рекоа: »Не можеме тоа да го направиме, да ја дадеме сестрата наша за човек необразан, зашто тоа е срамно за нас.
15 Но ќе се согласиме со вас и ќе се населиме кај вас, само ако сакате да се изедначите со нас и да ги обрежете сите ваши машки.
16 Тогаш ќе ги мажиме нашите ќерки за вас и ќе се жениме со вашите ќерки, ќе се населиме кај вас и ќе станеме еден народ.
17 А ако не нѐ послушате да се обрежете, ние ќе ја земеме нашата ќерка и ќе си отидеме.«
18 И по волја им беа зборовите нивни на Емора и на Сихема, неговиот син.
19 И момчето, не двоумејќи се, го направи тоа веднаш, бидејќи многу ја засака ќерката на Јакова. А тој беше најпочитуван меѓу своите во домот на неговиот татко.
20 И застана Емор и син му Сихем пред портите од нивниот град, и им рекоа на жителите од својот град, велејќи:
21 »Овие луѓе се мирни, сакаат да се населат во оваа земја и слободно да се движат по неа; а еве – земја има и за нив. Па нека ги земаме нивните ќерки за жени, а и нашите да им го даваме ним.
22 Но се согласуваат со нас така да живеат и да станеме еден народ, само ако сите машки меѓу нас се обрежат, како што се тие обрезани.
23 Нивните стада и нивниот имот и сиот нивни добиток нема ли да бидат и наши? Само да се согласиме со нив, и тие ќе останат со нас.«
24 И сите што излегуваа од портите на градот нивни го послушаа Емора и Сихема, синот негов; и се обрезаа сите машки.
25 А на третиот ден, додека тие уште беа во болки, двајцата синови Јаковови, Симеон и Левиј, браќата на Дина, го зедоа секој својот меч и слободно влегоа во градот и ги изубија сите машки.
26 Го погубија и Емора, и синот негов Сихем, со остар меч, и, откако ја зедоа Дина од домот на Сихема, си отидоа.
27 Тогаш дојдоа синовите на Јакова кај убиените, и го ограбија градот, зашто во него беше осрамотена сестрата нивна.
28 И ги зедоа овците нивни, и добитокот нивни, и ослите нивни, сѐ што беше во градот и сѐ што имаше во полето.
29 И сето богатство нивно, и децата и жените нивни ги пленија, и ограбија сѐ, што имаше во градот и во куќите.
30 Тогаш Јаков им рече на Симеона и на Левиј: »Ме смутивте и ме омразивте кај народот од оваа земја, кај Хананејците и Ферезејците. Јас имам малку луѓе; тие ќе се соберат против мене, ќе ме убијат, та ќе бидам истребен јас и домот мој.«
31 А тие рекоа: »Зар со сестрата наша да постапуваат како со блудница?«