Genesis 22
1 По тие настани Бог, искушувајќи го Авраама, рече: »Аврааме!« А тој одговори: »Еве ме!«
2 Бог продолжи: »Земи го сега саканиот син твој Исака, па оди во земјата Морија, и принеси го таму како жртва сепаленица на една горичка што ќе ти ја покажам!«
3 И утредента рано, откако стана, Авраам го оседла ослето свое, зеде со себе двајца од слугите свои и Исака, синот свој; па, откако исцепи дрва за жртвата, се крена, појде и дојде на местото, за кое му рече Бог.
4 На третиот ден, кревајќи ги очите свои, Авраам го здогледа местото оддалеку.
5 И им рече Авраам на слугите свои: »Останете вие овде со ослето, а јас и детето ќе одиме онаму, па откога ќе се помолиме, ќе се вратиме кај вас.«
6 И зеде Авраам дрва за жртвата, му ги натовари на Исака, синот свој, а самиот тој зеде во свои раце огнило и нож; па отидоа обајцата заедно.
7 Тогаш му рече Исак на Авраама, таткото свој: »Татко!« А тој одговори: »Што е, синко!« И рече Исак: »Ете огнило и дрва, а каде е јагнето за жртва?«
8 А Авраам одговори: »Бог ќе си предвиди, синко, јагне за жртва.« И обајцата го продолжија патот заедно.
9 И стигнаа до местото, за кое му беше рекол Бог. Тука Авраам направи жртвеник, и кладе дрва на него, а откако го врза Исака, синот свој, го стави на жртвеникот врз дрвата.
10 Тогаш Авраам ја пружи раката своја и го зеде ножот да го заколе синот свој.
11 Но ангел Господен викна од небото, и рече: »Аврааме! Аврааме!« А тој одговори: »Еве ме!«
12 И ангелот продолжи: »Не кревај рака своја на детето, и не прави му ништо! Еве, сега знам, оти се плашиш од Бога штом не го пожали ни саканиот свој син заради Мене.«
13 И Авраам ги крена очите свои и погледа: а тоа – зад него овен, кој се беше сплеткал со роговите во гасталакот. И Авраам отиде, го зеде овенот и го принесе како жртва сепаленица место синот свој.
14 И го нарече Авраам ова место: »Господ ќе предвиди.« Затоа и денес се вели: »На горичката Господ се јави.«
15 А ангелот Господен повторно го викна од небото Авраама,
16 и рече: »Се колнам во Себе – вели Господ – кога така направи, и не го пожали саканиот свој син заради Мене.
17 Навистина, Јас ќе те благословам и преблагословам, и потомството твое ќе го умножам и преумножам како ѕвездите на небото и како песокта на морскиот брег! А потомците твои ќе ги завладеат градовите на непријателите свои.
18 И ќе бидат благословени преку потомството твое сите народи на земјата, зашто го послуша гласот Мој.«
19 Тогаш Авраам се врати при слугите свои, и се кренаа, па се вратија заедно во Вирсавија. И се насели Авраам во Вирсавија.
20 По тие настани му јавија на Авраама: »Ете, и Мелха му роди синови на братот твој Нахор!«
21 Уз, неговиот првенец, брат му Вуз, и Камуила, таткото на Арамејците,
22 Хазада, Азава, Фалдеса, Елдафа и Ватуила.
23 А Ватуило ја роди Ревека. Овие осумте му ги роди Мелха на Нахора, братот на Авраама.
24 А неговата наложница, по име Ревма, ги роди овие: Тавека, Гама, Тохоса и Моха.