Genesis 18
1 Потоа му се јави Господ кај дабот Мамре кога седеше пред вратата од шаторот свој, на пладнина.
2 Откако ги крена очите свои, виде Тројца мажи како стојат спроти него. Откако ги виде, им притрча во пресрет пред вратата на шаторот свој, и им се поклони доземи.
3 И рече: »Господи, ако сум нашол милост пред Тебе, немој да го одминеш слугата Свој!
4 Ќе Ви донесам малку вода: измијте ги нозете, па одморете се малку под ова дрво!
5 И ќе Ви изнесам малку леб за да се поткрепите штом веќе навративте кај слугата Ваш, па тогаш продолжете го својот пат.« Тие рекоа: »Направи, како што рече!«
6 И Авраам отрча во шаторот кај Сáра, и ѝ рече: »Замеси брзо три мерки чисто брашно и испечи погачи!«
7 Па отрча кај говедата и фати теле младо и угоено, и му го даде на момокот, и тој побрза да го зготви.
8 Па потоа изнесе масло и млеко и телето, што беше зготвено, и им принесе; и тие јадоа, а тој самиот стоеше пред нив под дрвото.
9 Тогаш тие го прашаа: »Каде е Сáра, жената твоја?« А тој одговори: »Ене ја во шаторон.«
10 Еден, пак, од нив му рече: »Догодина во ова време, враќајќи се, Јас, пак ќе дојдам кај тебе, и Сáра, жената твоја ќе има син.« А Сáра слушаше на вратата од шаторот, зад него.
11 Авраам и Сáра беа стари и возрасни, и кај Сáра беше престанало редовното кај жените.
12 Затоа Сáра се насмеа во себе, велејќи: »Бидејќи сум остарела, сега ли ќе ни дојде радоста? А и господарот ми е стар.«
13 Тогаш му рече Господ на Авраама: »Зошто се насмеа Сáра во себе, велејќи – Вистина ли е дека ќе родам кога сум остарена? –
14 Има ли нешто неможно за Господа? Догодина во ова време Јас пак ќе дојдам при тебе, и Сáра ќе има син.«
15 Но Сáра не призна и рече: »Не се насмеав,« бидејќи се беше уплашила. А Он рече: »Не, ами ти се насмеа.«
16 Потоа луѓето станаа и тргнаа кон Содом и Гомор, а и Авраам појде со нив да ги испрати.
17 А Господ рече: »Како да кријам од Авраама, слугата Свој, што сакам да направам?
18 Та од Авраама ќе излезе голем и силен народ, и преку него ќе бидат благословени сите народи на земјата.
19 Оти него го избрав за да им заповеда на синовите свои, и на домот свој по себе, да одат по патот Господен и да извршуваат правда и суд, за да може Господ да го исполни она, што му го вети на Авраама.«
20 И рече Господ: »Голем повик е против Содом и Гомор, и гревовите нивни се претешки.
21 Затоа ќе слезам за да узнаам и да видам дали така се прави, како што повикот доаѓа до Мене, или не.«
22 Оттаму луѓето тргнаа кон Содом, додека Авраам уште стоеше пред лицето на Господа.
23 Тогаш Авраам се приближи и рече: »Сакаш ли да го уништиш и праведниот со неправедниот и ќе биде ли праведниот како неправедниот?
24 Можеби во градот има педесетмина праведници; зарем ќе ги погубиш и нив, а да не му простиш на тоа место заради оние педесет праведници, што се во него?
25 Не е можно така да постапиш Ти, да погубиш праведни со неправедни заедно, та исто да се случи со праведникот како и со неправедникот; не, тоа од Тебе не; зарем Судијата на целата замја нема да суди право?«
26 И рече Господ: »Ако во градот Содом најдам педесетмина праведници, ќе го запазам градот и целото место заради нив.«
27 А Авраам одговори и рече: »Еве, се осмелив да Му проговорам на Господа, иако сум земја и пепел.
28 Можеби да има праведници од педесет пет помалку; зар заради тие пет ќе го затреш целиот град?« Он одговори: »Нема тоа да го направам, ако најдам четириесет и пет.«
29 И го продолжи разговорот со Него и рече: »Можеби ќе се најдат таму четириесет?« Он, пак, одговори: »Нема да го направам ни поради тие четириесет.«
30 Потоа рече: »Нека не се налути Господ, ако речам – можеби ќе се најдат триесет?« – Он рече: »Нема да го направам, ако најдам триесет.«
31 И пак рече: »Еве, се осмелувам одново да Му проговарам на Господа – можеби ќе се најдат дваесет?« »Нема да го уништам – рече – ни заради тие дваесет.«
32 Најпосле рече: »Нека не се налути, Господ, ако уште еднаш проговорам – можеби ќе се најдат десет?« – Он рече: »Нема да ги искоренам ни заради оние десет.«
33 И Господ замина, откако престана да зборува со Авраама; а Авраам се врати во своето место.