Genesis 13
1 Така излезе Аврам од Египет кон југ, во пустињата Негев, тој, жената негова, и сѐ што имаше, а и Лот со него.
2 А Аврам беше многу богат со добиток, со сребро и со злато.
3 И отиде, од каде што појде, во пустињата сѐ до Ветил; продолжи да патува сѐ до местото, каде што порано му беше поставен шаторот, меѓу Ветил и Гај;
4 На местото, каде што најнапред беше подигнал жртвеник; и таму го призва Аврам името Господово.
5 А и Лот, кој одеше со Аврама, имаше овци, говеда и шатори.
6 И земјата беше тесна, за да живеат заедно, бидејќи имотот нивни беше толку голем, што не можеа да живеат заедно.
7 И стана караница меѓу пастирите на Аврамовиот добиток и пастирите на Лотовиот добиток. А во таа замја живееја тогаш Хананејци и Ферезејци.
8 Затоа Аврам му рече на Лота: »Не треба да се караме јас и ти, ни моите пастири со твоите пастири, зашто сме роднини.
9 Не е ли пред тебе целата земја? Оддели се од мене. Ако тргнеш ти на лево, јас ќе тргнам на десно; ако ти појдеш на десно, јас, пак, на лево.«
10 Тогаш Лот ги крена очите свои и ја виде целата околина Јорданска, која, пред Бог да ги уништи Содом и Гомор, целата, сѐ до Сигор се напојуваше со вода, како рајот Божји и како земјата Египетска.
11 И Лот ја избра за себе целата околина Јорданска; па појде Лот кон исток; и се разделија еден од друг.
12 Аврам се насели во земјата Хананска, а Лот се настани меѓу градовите на околината, преместувајќе се сѐ до Содом.
13 Луѓето, пак, во Содом беа лоши, и многу грешни пред Бога.
14 И му рече Бог на Аврама, откако Лот се оддели од него: »Крени ги сега очите свои, па погледни од местото, каде што си, на север и на југ, на исток и на запад,
15 зашто целата земја, што ја гледаш, ќе ти ја дадам тебе и на потомството твое довека;
16 ќе го умножам потомството твое да биде колку што е песокта на земјата; ако некој може да ја изброи песокта на земјата, тоа ќе може да го изброи и потомството твое.
17 Стани и изоди ја оваа земја во должина и во широчина, зашто ќе ти ја дадам тебе и на потомството твое довека.«
18 И Аврам ги крена шаторите свои, и отиде да се насели кај дабот Мамре, што беше во Хеврон, и таму Му направи жртвеник на Господа.