Ezra 1
1 Во првата година на персискиот цар Кир, за да се исполни словото Господово од устата на Јеремија, го возбуди Господ духот на Кира, персискиот цар, и тој заповеда да прогласат по целото царство, усно и писмено:
2 вака вели Кир, царот персиски: »Господ, Бог небесни, ми ги даде сите земни царства и ми заповеда да му изградам дом во Ерусалим што е во Јудеја.
3 Кој меѓу сите вас е од Неговиот народ, – Бог нека биде со него, и нека оди во Ерусалим, кој е во Јудеја, да гради дом на Господа, Бога Израилев, на оној Бог, Кој е во Ерусалим.
4 А сите, што останале во другите места, каде и да живее тој, нека му помогнат жителите од тоа место со сребро, со злато, со друг имот, со добиток и доброволни прилози за Божјиот дом, кој е во Ерусалим.«
5 Тогаш станаа кнезовите на племињата Јудини и Венијаминови, свештениците и левитите, секој, чиј дух го возбуди Господ, да одат да го градат Господовиот дом, кој е во Ерусалим.
6 И сите нивни соседи им помагаа со сребрени садови, со злато, со друг имот и со добиток и со скапи предмети, покрај доброволните прилози за храмот.
7 А царот Кир ги извади садовите на Господовиот дом, што Навуходоносор ги беше одзел од Ерусалим и ги беше поставил во домот на својот бог, –
8 ги изнесе Кир, царот персиски, со раката на Митридат, ризничар, а тој ги предаде под број на Сасавасар, кнез Јудин.
9 И еве го бројот нивни: златни чинии – триесет, сребрени чинии – илјада, ножеви – дваесет и девет.
10 златни чаши – триесет, сребрени чаши, двојни – четирисротини и десет, други садови – илјада;
11 вкупно садови, златни и сребрени, – пет илјади и четиристотини. Сето тоа го зеде со себе си Сасавасар, кога преселниците тргнаа од Вавилон за Ерусалим.