Ezekiel 41
1 Потоа ме воведе во храмот и ги измери столбовите: по шест лакти широки од едната страна и по шест лакти широки од другата страна, колку што беше широка скинијата.
2 Вратите беа широки по десет лакти, а страните на вратите по пет лакти од едната и по пет лакти од другата страна, а должината на храмот четириесет лакти, додека широчината му беше дванаесет лакти.
3 И влезе внатре, па ти измери столбовите покрај вратите – по два лакта, и вратите – по шест лакти, додека широчината на вратата е седум лакти.
4 Го измери храмот – дванаесет лакти надолж и дванаесет лакти широк, па ми рече – тоа е Свјатаја Свјатих.
5 Го измери ѕидот на храмот – шест лакти, а широчината на собите околу храмот – по четири лакти.
6 Странични соби имаше триесет и три, соба под соба: тие се наоѓаа во ѕидот, што беше околу храмот што беше врска со него но не се допираа до ѕидовите на самиот храм.
7 И храмот сѐ повеќе се ширеше наоколу над станичните соби, зашто кругот негов се издигаше сѐ погоре и погоре наоколу, па затоа храмот беше многу поширок горе, оти искачувањето од долниот кат сѐ до горниот минуваше преку средниот.
8 И го видов врвот на храмот наоколу; неговите странични соби во својата основа имаа мерка – една трска; шест полни лакти.
9 Ширината на ѕидот од станичните соби, што се издаваа надвор – пет лакти, а по страничните соби на храмот постоеше слободен простор.
10 И меѓу собите имаше растојание – по дваесет лакти околу целиот храм.
11 Вратите на страничните соби водеа во слободниот простор, една врата кон северната страна, а другата врата кон јужната страна; ширината на тој слободен простор беше пет лакти наоколу.
12 Зградата пред плоштадот од западната страна беше широка седумдесет лакти; ѕидот на таа зграда пет лакти широк наоколу, а долг беше деветнаесет лакти.
13 Го измери тој храмот – сто лакти должина, а плоштадот и одделенијата и страните нивни, исто така со должина од сто лакти.
14 И ширината на храмот од кај предната страна на плоштадот спрема исток – пак сто лакти.
15 Потоа ја измери должината на зградата пред плоштадот од задната страна со страничните одделенија од едната и од другата страна – по сто лакти, од внатрешноста на храмот и тремовите на дворот.
16 Праговите, прозорците решетчести и страничните соби наоколу, на сите три ката спроти праговите беа обложени со дрво од подот до прозорците; прозорците беа затворени.
17 Од горниот дел на вратата како одвнатре на храмот така и однадвор и по целиот ѕид наоколу, одвнатре и однадвор имаше фигури резбарени;
18 беа направени херувими и палми: палма меѓу двата хреувима и при секој херувим – по две лица.
19 Од едната страна кон палмата имаше свртено човечко лице, а од другата страна кон палмата – лице лавовско: така беше направено по целиот храм наоколу.
20 Од подот до врвот на вратата имаше направено херувими и палми, а исто и по ѕидовите на храмот.
21 Во храмот имаше четириаголни довратници, а и на светилиштето исто така довратници слични какви што сум видел.
22 Жртвеникот беше дрвен – три лакти висок и два лакта долг; и аглите негови и подножјата негови и страните негови беа од дрво; па ми рече тој – тоа е трпезата што е пред Господа.
23 Во храмот и во светилиштето имаше по две врати.
24 Вратите имаа по две крила; и двете крила беа подвижни – по две крила кај едната врата и по две крила кај другата врата;
25 на тие врати беа направени херувими и палми, исто така изработени какви што беа по ѕидовите; а пред тремот однадвор имаше дрвен под.
26 А решетчести прозорци и палми имаше од едната страна и од другата страна по страните на тремот и на околните храмови соби, а и по гредите.