Ezekiel 21
1 И би слово Господово до мене:
2 »Сине човечки, сврти го лицето свое кон Ерусалим и кажи слово против светилиштата, изречи пророштво против земјата Израилева.
3 И кажи ѝ на земјата Израилева – вака вели Господ Бог: еве, Јас сум против тебе, и ќе го извадам Мојот меч од ножницата негова и ќе истребам кај тебе праведник и грешник.
4 А за да истребам кај тебе праведник и грешник, Мојот меч ќе излезе од ножницата своја против секое тело од југ до север.
5 И секое тело ќе узнае, дека Јас, Господ, сум го извлекол Мојот меч од ножницата негова, и тој нема веќе да се врати.
6 А ти, сине човечки, плачи како да ти се бедрата прекршени и офкај пред очите нивни.
7 А кога ќе те прашаат: ‚зошто офкаш‘, кажи: ‚поради гласот што доаѓа‘, – од кој ќе замре секое срце и сите раце ќе малаксаат, и секој дух ќе се нажали, и сите колена ќе затреперат како вода. Ете, тоа ќе дојде и ќе се случи«, вели Господ Бог.
8 И би слово Господово до мене:
9 »Сине човечки, изречи пророштво и кажи – вака вели Господ Бог: кажи – меч, мечот е наострен и светнат.
10 Наострен за да коле повеќе; светнат за да болска како светкавица. Да се радуваме ли, дека жезалот на Мојот син го презира секое дрво?
11 Наредив да го светнат, за да го земам в рака; веќе е наострен тој меч и светнат, за да го дадам во раката на убиецот.
12 Стенкај и плачи, сине човечки, за тоа што е тој против Мојот народ, против сите кнезови Израилеви: сите тие ќе бидат со Мојот народ предадени на меч – затоа удирај се по бедрата.
13 Бидејќи тој е веќе испробан. Па што, ако тој го презира и жезалот? Тој нема да устои«, вели Господ Бог.
14 А ти, сине човечки, пророкувај и плескај со рацете – и мечот ќе се удвори и ќе се утрои, мечот за поразените, мечот за пораз на големиот меч, кој проникнува во внатрешноста на нивните живеалишта.
15 За да се стопат срцата и за да бидат паднати повеќе, Јас пред сите нивни порти ќе поставам страшен меч, кој ќе болска како светкавица, наострен за клање.
16 Приготви се, мечу, и оди десно или лево и онаму каде што ќе ти се сврти лицето твое.
17 А Јас ќе ракоплескам и ќе го стивнам гневот Свој; Јас, Господ, го кажав тоа.
18 И би слово Господово до мене:
19 »А ти, сине човечки, размисли за две патеки по кои треба да мине мечот на царот вавилонски – и двете патеки треба да излезат од една земја, па нацртај рака, нацртај при раскрсницата на патиштата за градовите.
20 Претстави го патот, по кој треба да мине мечот во Рава на синовите Амонитски и во Јудеја, во утврдениот град Ерусалим,
21 зашто вавилонскиот цар застана на крстопатот, при почетокот на двете патеки за да претскажува: ги прегледува стрелите, ги прашува идолите, гледа на црн дроб.
22 Во неговата десна рака баењето е: ‚во Ерусалим‘, каде што треба да постави убојни справи, да ја отвори устата за сечење, да го подигне гласот за боен повик, да ги дотера машините до портите, да насипе опкоп, да изгради опсадни кули.
23 Тоа вражање се виде во очите нивни лажно; но, бидејќи беа се заколнале со клетва, тој, откако се сети на нивното вероломство, реши да го преземе.«
24 Затоа, вака вели Господ Бог: »Бидејќи вие самите го спомнувате вашето беззаконие, правејќи ги вашите престапи јавно и покажувајќи ги вашите гревови во делата свои, и самите го спомнувате тоа, затоа вие ќе бидете фатени од нив.
25 А ти, недостоен, престапни водачу Израилев, тебе денес ти дојде денот, кога на неговото бесчестие ќе биде ставен крај.«
26 Така вели Господ Бог: »Симни ја од себе круната и извади го венецот, и веќе не ќе го имаш; понизеното ќе се издигне, а високото ќе се снизи.
27 Ќе го уништам, ќе го уништам, ќе го уништам – и нема веќе да го има, сѐ додека, не дојде Оној, Кому тој Му припаѓа, и Нему ќе му го дадам.«
28 А ти, сине човечки, изречи пророштво и кажи – вака вели Господ Бог, за синовите Амонови и за нивната хула, па кажи: »мечот, изваден е за клање, светнат за истребување, за да болска како светкавица,
29 па, додека ти кажуваат суетни виденија и лажливо гатаат тебе да те стават кај обезглавените грешници, чиј ден дојде, кога на бесчестието ќе му биде ставен крајот.
30 Да го вратам ли во ножницата негова? На местото, каде што си ти создаден, на земјата, од каде што си произлегол, ќе ти судам –
31 и ќе го излеам врз тебе Моето негодување, ќе дувнам врз тебе со огнот на јароста Своја и ќе те предадам во рацете на луѓе свирепи, вешти во убивање.
32 Ти ќе му станеш храна на огнот, твојата крв ќе остане на земјата; нема да се сетат за тебе; оти Јас, Господ, го кажав тоа.«