Bible

Engage

Your Congregation Like Never Before

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Exodus 16

:
Macedonian - 1990
1 Од Елим се кренаа и целата заедница на синовите Израилеви дојде во пустињата Син, која се наоѓа меѓу Елим и Синај, во петнаесеттиот ден од вториот месец, откако излегоа од земјата Египетска.
2 И почна да се буни целата заедница на синовите Израилеви против Мојсеја и против Арона.
3 И им рекоа синовите Израилве: »О, да бевме умреле од раката Господова во земјата Египетска, кога седевме покрај котлите со месо и јадевме леб до насит! Нѐ изведовте овде во оваа пустиња, за да го умрете целово ова множество со глад.«
4 А Господ му рече на Мојсеја: »Еве, ќе пуштам да паѓа леб од небото, и народот нека излегува секој ден и нека собира колку што е потребно за тој ден, за да го испитам ќе постапува ли според законот Мој или не;
5 а во шестиот ден кога ќе го зготват она, што го собрале, и тоа ќе биде двојно од она, што го собираат секој ден.«
6 Тогаш Мојсеј и Арон му рекоа на целиот збор на синовите Израилеви: »Вечерва ќе познааете дека Господ ве изведе од земјата Египетска,
7 а утре ќе ја видите славата Господова; зашто Господ го чу негодувањето ваше против Бога. Што сме ние, та да се буните против нас?«
8 Потоа рече Мојсеј: »Вечерва Господ ќе ве даде месо да јадете, а утре изутрина леб до наситка; оти го чу Господ повикот ваш, што го дигнавте против Него. Кои сме ние? Вашиот повик не е против нас, туку против Бога.«
9 И му рече Мојсеј на Арона: »Кажи му на целото општество на синовите Израилеви –,застанете пред Бога, зашто Он го чу повикот ваш.«
10 И кога Арон му зборуваше на целото општество на синовите Израилеви, тие погледнаа кон пустињата, а тоа славата Господова се појави во облак.
11 И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
12 »Го чув негодувањето на синовите Израилеви. Кажи им и речи: ‚Вечерва ќе јадете месо, а утре ќе се наситите со леб, и ќе познаете дека јас сум Господ, Бог ваш.‘«
13 Вечерта долетаа потполошки и го прекрија таборот; а утрината беше паднала роса околу таборот.
14 И, ете, кога се крена росата, а тоа по пустињата лежи нешто ситно, како коријандер, зрнесто, бело како слана по земјата.
15 И кога видоа синовите Израилеви, си велеа еден на друг: »Што е ова?« Оти не знаеја, што беше тоа. А Мојсеј им рече: »Тоа е лебот, што ви го даде Господ да го јадете.«
16 Еве како заповеда Господ: »Собирајте од него, секој колку што му треба за јадење по еден гомор на лице, според бројот на членовите ваши; секој од вас со домашните собирајте.«
17 И направија така синовите Израилеви: собираа кај повеќе кој помалку.
18 Па мереа со гомор; и кој беше собрал повеќе, излишок немаше, а оној помалку, немаше недостиг; секој собра онолку, колку што му требаше,
19 и им рече Мојсеј: »Никој да не остава од тоа за утре!«
20 Но тие не го послушаа Мојсеја, туку некои оставија од тоа за утре, а тоа мувлоса и се смириса. И се налути Мојсеј на нив.
21 И така тие го собираа секое утро рано, секој колку што имаше потреба; а кога сонцето ќе изгрееше, маната се топеше.
22 А во шестиот ден собраа од тој леб двојно повеќе по два гомора за секого. И дојдоа старешините народни, па му јавија на Мојсеја.
23 А Мојсеј им рече: »Еве ја заповедта што ја кажа Господ утре е саботен ден, свет одмор за Господа; што ќе печете печете, и што треба да варите варете денес; а што ќе преостане, соберете го и пазете го за утре!«
24 И оставија од него за утре, оти како што заповеда Мојсеј, и тоа не се смириса, ниту имаше црвја во него.
25 И рече Мојсеј: »Јадете го тоа денес, бидејќи е денес сабота посветена на Господа; денес нема да најдете мана во полето.
26 Шест дена ќе собирате, а седмиот ден е сабота, тогаш ќе ја нема.«
27 И на седмиот ден излегоа некои од народот да собираат, но не најдоа.
28 А Господ му рече на Мојсеја: »До кога ќе се противите на заповедите Мои и на законот Мој?
29 Ете, Господ ви дал денес сабота, затоа во шестиот ден и ви дава леб за два дена. Останете секој на своето место, и во седмиот ден никој да не го напушта местото свое.«
30 И се одмараше народот седмиот ден.
31 И синовите Израилеви тој леб го нарекоа мана. Тоа беше као семето коријандрово, бело, а по вкус како медено колаче.
32 Тогаш им рече Мојсеј: »Еве што заповеда Господ: ‚Наполнете еден гомор мана, за да се запази во родовите ваши, за да го видат лебот што го јадевте и со кој ве хранев во пустињата, кога ве изведов од земјата Египетска.‘«
33 И му рече Мојсеј на Арона: »Земи златен сад и стави во него еден гомор мана, и постави го пред Бога, за да се пази од колено до колено ваше.«
34 И го постави Арон пред ковчегот на сведоштвото, за да се чува, како што му беше заповедал Господ на Мојсеја.
35 А синовите Израилеви јадеа мана четириесет години, додека не дојдоа во населена земја; јадеа мана додека не стигнаа до границата на земјата Хананска.
36 А гоморот е десетти дел од ефа.