Exodus 14
1 И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:
2 »Кажи им на синовите Израилеви да свртат и да се утаборат пред Пи – Аирот во долината меѓу Магдол и морето, спроти Веел Сепфон. Спроти него утаборете се крај морето.
3 И така Фараонот ќе им рече на своите луѓе за синовите Израилеви: ‚Заскитале во земјата, пустињата ги затворила.‘
4 А Јас ќе направам да се стегне срцето на Фараонот, и тој да појде во потера по нив. Но Јас ќе се прославам над Фараонот и над сета војска негова. И сите Египтјани ќе познаат дека Јас сум Господ.« Тие така и направија.
5 А кога му соопштија на царот египетски дека народот избегал, се измени срцето Фараоново и слугите негови спрема народот, па рекоа: »Што направивме, па ги пуштивме синовите Израилеви, та да не ни работат повеќе.«
6 И ја впрегна Фараонот колата своја, и сиот народ го поведе со себе;
7 зеде шестотини коли по избор и колку што уште имаше коли египетски, со нивните началници.
8 А Господ направи, та со ожесточи срцето на Фараонот, царот египетски, и на слугите негови, и тргна во потера по синовите Израилеви; но синовите Израилеви врвеа под силна рака.
9 И се впуштија по нив Египтјаните, и сите коњи Фараонови со колите, и сета војска негова, и ги најдоа во долината крај морето, спроти Веел Сепфон.
10 А кога наближи Фараонот, се обѕрнаа синовите Израилеви, и што ќе видат – ете Египтјаните идат по нив. И синовите Израилви се уплашија многу, па извикаа кон Господа,
11 и му рекоа на Мојсеја: »Зар немаше гробови во Египет, туку не изведе овде да изгинеме во пустињата? Што ни направи? Зошто нѐ изведе од Египет?
12 Нели ти го кажавме ова и во Египет, кога ти рековме: ‚Остави не, да им служиме на Египтјаните?‘ Оти подобро ќе ни беше да им служиме на Египтјаните, отколку да изгинеме во пустињава.«
13 А Мојсеј му рече на народот: »Не плашете се, застанете и ќе видите Господ како ќе ве спаси денес: Египтјаните, како што ги гледате денес, нема повеќе никогаш да ги видите довека.
14 Господ ќе се бие за вас, а вие бидете спокојни.«
15 И му рече Господ на Мојсеја: »Зошто викаш кон Мене? Кажи им на синовите Израилеви нека врват.
16 А ти земи го стапот свој и протегни ја раката своја врз морето, и раздели го, и нека минат синовите Израилеви, среде море по суво.
17 Но, ете, Јас ќе го стегнам срцето на сите Египтјани, и тие ќе тргнат по нив. А Јас ќе ја покажам славата Своја над Фараонот и над сета војска негова, над колите негови и над коњаниците негови.
18 И сите Египтјани ќе познаат дека Јас сум Господ, што ќе се прославам над Фараонот, над колите негови, и над коњаниците негови.«
19 И се крена Ангелот Господен, што одеше пред војската на синовите Израилеви, и застана зад нив; се крена и столбот од облак пред нив, и застана зад нив.
20 А кога влезе меѓу војската Египетска и меѓу војската на синовите Израилеви застана; на оние им беше темнина и мрак, а на овие им беше светлина, така што преку цела ноќ не се доближија едните до другите.
21 И ја подигна Мојсеј раката своја над морето, а Господ го разбрануваше морето со јужен ветар, кој дуваше силно цела ноќ, па се направи во мерето суво и водата се раздели.
22 И појдоа синовите Израилеви среде море по суво, и водата им стоеше како ѕид од десната страна и од левата страна.
23 А Египтјаните, гонејќи ги, појдоа по нив среде море, сите коњи Фараонови, колите и коњаниците негови.
24 А во утринската стража погледна Господ на војската египетска од столбот огнен и обласниот и ја доведе во забуна војската египетска,
25 па им ги врза тркалата на колите ниви, та одвај ги влечеа. Тогаш Египтјаните рекоа: »Да бегаме од Израилците, зашто Господ се бие за нив против Египтјаните!«
26 Тогаш му рече Господ на Мојсеја: »Пружи ја раката над морето, и нека се собере водата врз Египтјаните, и да ги покрие колите нивни и коњаниците нивни.«
27 И Мојсеј ја испружи раката своја врз морето, и пред зори пак се поврати со својата сила, а Египтјаните тргнаа да бегаат кон морето; и Господ ги фрли Египтјаните среде море.
28 А кога се поврати водата, ги потопи колите и коњаниците со сета војска Фараонова, се што беше тргнало кон нив, и не остана ниеден од нив.
29 Синовите, пак, Израилеви минаа среде море по суво; водата стоеше како ѕид од десната страна и од левата страна.
30 И ги избави Господ Израилците во тој ден од рацете на Египтјаните. И ги видоа синовите Израилеви Египтјаните што изумреа на брегот морски.
31 Ја виде Израил силата голема, што Господ ја покажа над Египтјаните, и народот се уплаши од Господа, и поверува во Бога и на неговиот угодник Мојсеја.