Ecclesiastes 1
1 Зборови на проповедникот, син Давидов, цар ерусалимски.
2 Суета над суетите, вели проповедникот, суета над суетите – сѐ е суета!
3 Каква е користа за човекот од сите негови трудови, со кои се труди под сонцето?
4 Род еден си заминува, и род друг доаѓа, а замјата си постои секогаш.
5 Сонцето изгрева и заоѓа, и пак брза кон местото свое, од каде што изгрева.
6 Ветрот вее кон југ и се врти кон север, се врти, се врти во својот пат и пак ги почнува своите вртења во круг.
7 Сите реки течат во морето, но морето не се преполнува: тие одново се враќаат кон она место, од каде што потекуваат, за да течат пак.
8 Секоја работа бара труд: човекот не може сѐ да искаже; окото не се наситува од гледање, ниту увото може да се наслуша.
9 Она што било, пак ќе биде, и она што се правело, пак ќе се прави – нема ништо ново под сонцето.
10 Иако за нешто се рече: »Види, ете, тоа е ново«; но тоа веќе било во текот на вековите, што биле пред нас.
11 Нема спомен за минатото; па и за тоа, што ќе биде подоцна.
12 Јас, проповедник, бев цар над Израилот во Ерусалим;
13 и го управив срцето свое да истражувам и да испитува преку мудроста сѐ, што станува под небото; таа тешка задача им ја даде Бог на синовите човечки, за да се занимаваат со неа.
14 Ги видов сите работи, што се вршат под сонцето, и ете – сѐ е суета и мака за духот.
15 Кривото не може да се исправи, и она, што го нема не може да се брои.
16 Си велев во срцето свое: »Еве, јас се воздигнав и се здобив со мудрост повеќе од сите, што беа пред мене над Ерусалим, и срцето мое виде многу мудрост и знаење.«
17 И го упарвив срцето свое да ја познае мудроста, да ги познае безумието и глупоста; но разбрав, оти и тоа е мачно за духот;
18 зашто при големата мудрост големо е и страдањето, и кој умножува знаење, умножува и мака.