Deuteronomy 33
1 Ова се благословите, со кои Мојсеј, човек Божји, ги благослови синовите Израилеви пред смртта своја.
2 И тој рече: »Господ дојде од Синај, ни се јави нам во Сир, се покажа од планината Фаран и пристигна со десетици илјади светии; а од десната страна со Него беа ангели.
3 И ги заштити луѓето свои и сите светии се во Твои раце, и тие паднаа пред Твоите нозе.
4 И тие ги примија зборовите од овој закон, што ни го објави нам Мојсеј, наследството на народот од Јакова.
5 И тој беше омилен цар израилски кога се собираа народните кнезови заедно со Израилевите племиња.
6 Да живее Рувим и да не умира, и Симеон да биде многуброен!«
7 А за Јуда го кажа ова: »Чуј го, Господи, гласот на Јуда и биди при народот негов; да се заштити со рацете свои, а ти биди помошник против непријателите негови.«
8 И за Левиј рече: »Твојот ‚тумим‘ и ‚урим‘ е на светиот маж Твој, кого Ти го укори кај водата на расправии,
9 кој им рече на татка си и на мајка си: ‚јас не те видов‘, и браќата свои не ги позна, а синовите свои не ги виде, бидејќи тие, левитите, ги почитуваат зборовите Твои и го пазат заветот Твој,
10 го учат Јакова на законите твои, и Израилот на Твоите заповеди, ставаат темјан пред лицето Твое и сепаленици на жртвеникот Твој;
11 благослови ја, Господи, силата негова и прими ги делата на рацете негови, порази ги бедрата на непријателите негови, што стануваат против него и кои го мразат, за да не можат да се подигнат.«
12 За Венијамина рече: »Кого Господ го сака, тој живее во Него со радост, Бог го заштитува секогаш, и тој почива врз рамената Негови.«
13 А на Јосифа му рече: »Нека ја благослови Господ земјата негова со многусакани дарови небески, со роса и со подароци на бездната, што лежи долу,
14 со многусакани плодови од сонцето и многусаканите плодови од месечината,
15 со дарови од старите планини и со дарови од вечните ридови,
16 и благовремено нека ти се исполнува со пријатни и богати плодови, па тогаш Оној, Кој ми се јави во капината да слезе врз главата на Јосифа и врз темето на најдобриот брат негов;
17 цврстината му е како на првородно теле, и роговите му се како роговите на бивол; со нив ќе ги избоде сите народи до крајот на земјата: тоа се десетиците илјади Ефремови, тоа се илјадниците Манасиеви.«
18 На Завулона му рече: »Весели се, Завулоне, во своите патишта, и ти Исахаре, по полињата твои;
19 тие ќе ги истребат народите, и вие го свикувате народот на планината, таму ќе принесете жртви за правда, бидејќи богатството на морето ќе те храни, како и трговијата со народот што живее покрај морето.«
20 За Гад рече: »Благословен нека е кој ќе го прошири Гада; тој почива како лав и сокрушува мишка и глава;
21 тој ги виде првите делови на својата земја кога таму се разделуваше земјата меѓу собраните кнезови и началниците, и ја исполни правдата Господова и судот со Израилот.«
22 За Дан рече: »Дан е млад лав, кој што избега од Васан.«
23 За Нефталима рече: »Нефталим е задоволен со пријатности, па нека се засити и со благослов од Господа; морето и југот ќе ги наследи.«
24 За Асира рече: »Благословен е со синовите Асир, тој ќе биде омилен меѓу браќата свои и во елеј ќе ја натопи силата твоја.
25 железото и бакарот ти се обувките; како деновите твои ќе се зголемува силата твоја.
26 Нема друг како возљубениот Бог, Кој се пронесува по небото, тебе на помош, и како великолепие на земјата.
27 Единиот Бог е твое прибежиште, и ти си под силата на Неговите вечни мишки. Он ќе го прогонува непријателот пред тебе и ќе рече: истребувај!
28 И кога ќе се насели Израил, ќе живее сам во земјата на Јакова, земја изобилна со жито и вино, а небото ќе му праќа роса.
29 Блажен си ти, Израиле! Кој е како тебе, народ пазен од Господа, Кој ти е штит закрилник и меч на славата твоја? Твоите непријатели те молат, а ти ќе ги газиш вратовите нивни.«