Bible

Upgrade

Your Church Presentations in Minutes

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

Deuteronomy 30

:
Macedonian - 1990
1 »Кога ќе се збиднат врз тебе сите тие зборови благословите и клетвите, што ти ги изложив, и ти ги земеш при срце кај сите народи, меѓу кои ќе те растури Господ, твојот Бог,
2 и од сето срце и од сета душа своја ќе се обрнеш кон Господа, твојот Бог, и ќе го послушаш гласот Негов ти и синовите твои, како што ти заповедам денес,
3 тогаш Господ, твојот Бог, ќе ти ги прости сите твои гревови, ќе се смили над тебе, и пак ќе те собере од сите народи, меѓу кои те растурил Господ Бог, таму.
4 Макар и да бидеш растурен од крајот на небото дури до крајот на небото и оттаму ќе те собере Господ, твојот Бог, и оттаму ќе те земе,
5 и оттаму ќе те доведе Господ, твојот Бог, во земјата, што ја владееле твоите татковци, и ќе ја наследиш, и ќе ти направи Господ добро и ќе те умножи повеќе од татковците твои;
6 и ќе го очисти Господ срцето твое и срцето на потомството твое, за да Го сакаш Господа, твојот Бог, од сѐ срце и со сета душа своја, и да живееш;
7 тогаш, Господ, твојот Бог, ќе ги префрли сите овие клетви на непријателите твои и на оние, што те мразеа и што те гонеа;
8 а ти ќе се обратиш и ќе го слушаш гласот на Господа, твојот Бог, и ќе ги исполнуваш сите заповеди Негови, што ти ги заповедам денес;
9 и ќе те благослови Господ, твојот Бог, во секоја работа на рацете твои, во плодот на утробата твоја, во плодот на добитокот твој, во житата на земјата твоја; зашто Господ, твојот Бог ќе се сврти кон тебе и ќе ти се радува повторно на тебе, правејќи ти добро, како што се радуваше на татковицте твои,
10 само ако го слушаш гласот на Господа, твојот Бог, и ги извршуваш сите заповеди и наредби Негови и повелби Негови, напишани во книгата на овој закон, и ако се свртиш кон Господа, твојот Бог, со сето срце свое и со сета душа своја.
11 Зашто оваа заповед, што денес ти ја давам, не е тешка за тебе, ниту далеку од тебе.
12 Таа не е на небото за да може да се каже: ‚кој од нас би се воздигнал на небото и би ни ја земал и донел да ја чуеме, та да ја исполниме?‘;
13 ниту е преку море, за да може да се кажи: ‚кој од нас би отишол преку море и би ни ја земал и дал да ја чуеме, та да ја исполниме?‘
14 Но оваа заповед е многу блиска до тебе, таа е во устата твоја и во срцето твое, за да ја исполнуваш.
15 Ете, јас денес ти предложив живот и добро, смрт и зло.
16 Ако ги слушаш заповедите на Господа, твојот Бог, што денес ти ги давам, да Го сакаш Господа, твојот Бог, да одиш по сите патишта Негови и да ги извршуваш заповедите и законите Негови, тогаш ќе живееш и ќе се намножиш, и Господ, твојот Бог, ќе те благослови во земјата, во која одиш, за да ја наследиш;
17 ако, пак, се одврати срцето твое, и не послушаш, и се заблудиш, па почнеш да им се клањаш на други богови и да им служиш,
18 тогаш, ви јавувам денес, дека ќе загинете и нема долго да останете на земјата, која Господ Бог ти ја дава, откога ќе го минете Јордан, за да ја наследите таму.
19 Ви сведочам денес со небото и со земјата: живот и смрт ти предложив јас, благослов и проклетство. Избери го животот, за да живееш ти и потомството твое:
20 да Го сакаш Господа, твојот Бог, да го слушаш гласот Негов и да се приврзеш кон Него, зашто тоа е твојот живот и долгоденствие; така ти ќе живееш на земјата, за која Господ Бог им се беше заколнал на татковците твои Авраама, Исака и Јакова, дека ќе им ја даде.«