Deuteronomy 15
1 »Во седмата година проштавај!
2 И ова е заповед за простувањето: секој кој што дал на заем на ближниот свој, нека му го прости; целиот долг да не го бара од ближниот свој, или од братот свој, бидејќи тоа е простување заради Господа, твојот Бог;
3 од туѓинецот барај го она што го имаш кај него; а на братот твој прости му го долгот,
4 за да нема кај тебе сиромав; зашто Господ ќе те благослови во онаа земја, која Господ, твојот Бог, ти ја дава како дел, за да ја добиеш во наследство.
5 Доволно е само да го слушаш гласот на Господа, твојот Бог, и да ги пазиш и да ги исполнуваш сите овие заповеди, кои денес ти ги заповедам;
6 зашто Господ, твојот Бог, ќе те благослови, како што ти говорел, и ти ќе даваш заем на многу народи, а самиот нема да земаш заем; и ќе владееш со многу народи, а над тебе нама да владеат.
7 Ако, пак, имаш некој брат сиромав во еден од градовите твои, во земјата твоја, што Господ, твојот Бог, ти ја дава, не го одвраќај срцето свое и не ја стискај раката своја пред твојот брат што има потреба,
8 туку отвори му ја раката своја и дај му заем, колку што му треба и колку што му недостасува;
9 пази сѐ, да не влезе во срцето твое лукава мисла: па да речеш ‚наближува седмата година, година на простувањето‘ и да не стане окото твое злобно спрема твојот сиромав брат, што има потреба и да му откажеш; зашто тој ќе повика против тебе пред Господа, и на тебе голем грев ќе падне;
10 подај му драговолно заем, колку што сака и колку што му треба, а кога му даваш, да не ти се нажали срцето твое, бидејќи Господ, твојот Бог, ќе те благослови за тоа во сите твои работи и во сѐ, што го вршат рацете твои;
11 зашто сиромаси ќе има секогаш во земјата твоја; затоа и ти заповедам, велејќи ти: отворај ја вратата твоја за твојот брат, за твојот беден и за оној што моли во земјата твоја;
12 ако ти се продаде твојот брат, Евреин, или Еврејка, тој треба шест години да ти работи, а седмата година пушти го на слобода;
13 кога, пак, го пушташ на слобода, не отпуштај го со празни раце,
14 туку дарувај го со нешто од овците твои, од пченицата твоја и од виното твое: дај му од она, со кое те благословил Господ, твојот Бог;
15 помни, дека и ти беше роб во Египетската земја, и Господ, твојот Бог, те ослободи; ете затоа и ти го заповедам денес ова.
16 Ако, пак, ти каже: ‚не сакам да си одам од кај тебе, зашто те засакав тебе и домот твој‘, бидејќи ми е добро кај тебе,
17 земи шило и продупчи му го увото на степеникот пред вратата; и тој ќе ти биде роб засекогаш. Така направи и со робинката твоја.
18 За да не ти биде тешко, поради тоа што си должен да го пушташ на слобода, бидејќи тој ти изработил во текот на шесте години двојно повеќе – отколку платен наемник, затоа Господ, твојот Бог, ќе те благослови во сѐ, што и да правиш.
19 Секое машко првородено, што ќе се роди од говедата твои и од овците твои, посветувај го на Господа, твојот Бог: не работи со провородениот вол свој и не стрижи го првороденото од овците твои;
20 тоа јади го ти и челадта твоја пред Господа, твојот Бог, секоја година, на местото, што ќе го одбере Господ, твојот Бог;
21 ако, пак, тоа биде со недостаток, – хромо, или слепо, или со некој друг недостаток, не принесувај го како жртва на Господа, твојот Бог,
22 но во градовите твои нека се јаде; нечист и чист може да јаде како што се јаде срна и елен;
23 само крвта не јади му ја: истурај ја на земја како вода.«