Deuteronomy 1
1 Ова се зборовите што му ги кажа Мојсеј на сиот Израил од онаа страна на Јордан во пустињата на запад спрема Суф, меѓу Фаран и Тофол, Ловон и Авлон и рудниците на злато;
2 а од Хорив, преку планината Сир, до Кадис-Варни има единаесет дена пат.
3 На четириесеттата година, на единаесеттиот месец, во првиот ден од месецот, им кажа Мојсеј на сите синови Израилеви сѐ, што му беше заповедал Господ за нив.
4 Откако го порази аморејскиот цар Сион, кој живееше во Есевон, и васанскиот цар Ог, кој живееше во Астарот, во Едраин,
5 од онаа страна на Јордан, во земјата Моавска, Мојсеј почна да го објаснува тој закон и рече:
6 »Господ, Бог наш, ни говореше на Хорив и рече: ‚Доста живеевте во таа планина;
7 свртете се и кренете, па влезете во гората на Аморејците и при сите нивни соседи, по рамнината, по планините и на југ и во приморската земја Хананска и во Антиливан, дури до големата река, реката Еуфрат!
8 Ете, ви ја давам таа земја, одете, земете ја земјата во наследство, која Господ со клетва им вети дека ќе им ја даде на татковците ваши – на Авраама, Исака и Јакова, ним и на потомството нивно.‘
9 И јас ви реков во она време: ‚Не можам сам да ве водам;
10 Господ, вашиот Бог, ве умножи, и еве, вие сте сега многубројни како ѕвездите небески:
11 Господ, Бог на татковците ваши, нека даде да се намножите и илјадапати повеќе, отколку што сте сега и нека ве благослови, како што ви говореше!
12 Како ќе ги носам сам страдањата ваши, тежините ваши и расправиите ваши?
13 Изберете си сперед вашите племиња луѓе мудри, разумни и искусни, а јас ќе ви ги поставам за началници.‘
14 Вие ми одговоривте тогаш и рековте: ‚Тоа е добро што велиш да го направиме.‘
15 И зедов од вас мажи мудри, разумни и искусни, и ги поставив за началници над вас: илјаданачалници, стоначалници, педесетначалници, десетначалници и записничари кај судиите ваши.
16 И им заповедав на судиите ваши во тоа време, и реков: ‚Ислушувајте ги браќата свои и судете справедливо како човек спрема брат, така и неговиот придојден;
17 Во судот не правете разлика меѓу лицата, ислушувајте го и малиот, и големиот: не плашете се од лицето човечко, бидејќи судот е Божји; а ако имате дело, кое е тешко за вас, обрнете се до мене, и јас ќе го ислушам.‘
18 И во тоа време ви заповедав за сѐ што треба да правите.
19 И откако тргнавме од Хорив, одевме по целата таа голема и страшна пустиња, што ја видовте, по пат кон Аморејската планина, како што беше заповедал Господ, нашиот Бог, и стигнавме во Кадис-Варни.
20 Тогаш јас ви реков: ‚Вие стигнавте на Аморејската планина, која Господ, Бог наш, ви ја дава;
21 ете, Господ, Бог ваш, ви ја предаде оваа земја; штом ќе влезете, земете ја во владение, како што им рече Господ, Бог на вашите татковци: не бојте се и се плашете!‘
22 Но вие сите дојдовте при мене и рековте: ‚Да испратиме пред нас луѓе, да ја разгледаат земјата и да ни донесат известување за патот по кој ќе одиме, и за градовите, во кои ќе влеземе.‘
23 Ми се свидоа тие зборови, а јас зедов од вас дванаесет души, по еден човек од секое племе.
24 Тие тргна, се качија на планината, дојдоа до долината со лозја и ја разгледаа;
25 па зедоа во рацете свои плодови од земјата, ни ги донесоа, и ни известија, велејќи: ‚Добра е земјата, што Господ, Бог наш, ни ја дава.‘
26 Но вие не сакавте да одите и се оглушивте од заповедта на Господа, вашиот Бог,
27 и возроптавте во шаторите свои, велејќи: ‚Господ, од омраза спрема нас, ни изведе од земјата Египетска, за да нѐ предаде во рацете на Аморејците и да не истреби;
28 како ќе одиме? Вашите браќа ве обесхрабрија, велејќи: »оној народ е поголем, поброен и посилен од нас, таму градовите се поголеми и оградени со ѕидови до небеса, па и луѓе исполини видовме таму.«‘
29 Тогаш јас ви реков: ‚Не ужасувајте се и не плашете се од нив;
30 Господ, Бог ваш, оди пред вас; Он ќе се бори за вас, исто онака, како што ви направи вам во Египет, пред очите ваши.
31 И во оваа пустиња, како што видовте, Господ, Бог твој те пазеше, како што човек го пази синот свој, по целиот пат, по кој минавте, додека стигнавте на ова место.‘
32 Но и при тоа вие на Му верувавте на Господа, вашиот Бог,
33 Кој одеше пред вас по патот, за да ви одбере место, каде да запрете – ноќе со оган, за да ви го сочува патот по кој одите, а дење со облак.
34 И кога Господ Бог ги чу зборовите ваши, се разгневи, и се заколна, велејќи:
35 ‚Никој од овие луѓе, нема да ја види добрата земја, за кој им се заколнав на татковците нивни, дека ќе им ја дадам,
36 освен Халев, Јефониевиот син, тој ќе ја види; нему ќе му ја дадам земјата, во која влезе, и на синовите негови, зашто Му се покоруваше на Господа.‘
37 Господ се разгневи и на мене заради вас, велејќи: ‚И ти нема да влезеш таму;
38 Иисус, синот Навинов, кој е при тебе, тој ќе влезе таму; него поткрепи го; тој ќе му ја даде на Израилот во наследство;
39 и децата ваши, за кои говоревте, дека ќе станат плен на непријателите, и синовите ваши, кои засега не знаат што е добро, и што зло, тие ќе влезат таму, ним ќе им ја дадам, и тие ќе ја наследат.‘
40 А вие свртивте и тргнавте кон пустињата, по патот кон Црвеното Море.
41 Вие одговоривте тогаш и ми рековте: ‚Згрешивме пред Господа, нашиот Бог; ќе одиме и ќе се бориме како што ни беше заповедал Господ, Бог наш.‘ И вие го опашавте секој бојното оружје свое, па се собравте и се искачивте на планината.
42 Но Господ ми рече – кажи им: ‚Не одете и не војувајте, зашто Јас нема да бидам меѓу вас, за да не бидете разбиени од непријателите ваши.‘
43 И јас ви го кажав тоа, но вие не ме послушавте и ја престапивте Господовата заповед и своеволно се искачивте на планината.
44 Тогаш излезе против вас Амореј, кој живееше во таа планина, и ве прогна, како што прават пчелите, и ве разбиваше од Сир дури до Хорма.
45 Вие тогаш се вративте и почнавте да плачете пред Господа, но Господ не го чу плачот ваш и не ве послуша.
46 и останавте во Кадис многу време, колку што бевте таму.«