1Потоа се случи ова: Давидовиот син Авесалом имаше сестра убавица, по има Тамар, и Амнон, Давидовиот син, се вљуби во неа.
2И Амнон толку се мачеше, што се разболе по сестра си Тамар зашто таа беше мома, и Амнон гледаше дека ќе му биде неугодно да ѝ направи нешто.
3Но Амнон имаше пријател, по име Јонадав, син на Сама, Давидов брат; а Јонадав беше човек многу итар.
4И тој му рече: »Зошто толку слабееш одден наден, царски сине, – нема ли да ми кажеш?« Амнон му одговори: »Јас ја сакам Тамар, сестрата на братот мој Авесалом.«
5Јонадав му рече: »Легни на леглото свое и направи се болен; и кога ќе дојде татко ти да те види, кажи му: Нека дојде сестра ми Тамар и да ми даде да јадам, и да зготви пред очите мои јадење, така што да видам и да јадам од рацете нејзини.«
6Амнон легна и се направи болен, и царот дојде да го види; Амнон тогаш му рече на царот: »Нека дојде сестра ми Тамар и да испржи пред очите мои една – две питки, та да каснам од рацете нејзини.«
7Давид испрати во куќата да ѝ кажат на Тамар: »Оди во куќата на братот свој Амнон и зготви му јадење.«
8Таа отиде во куќата на брата си Амнон, а тој лежеше. Таа зеде брашно, замеси, приготви пред очите негови и му испржи питки;
9го зеде тиганот и ги истури пред него; но тој не сакаше да јаде. Тогаш рече Амнон: »Нека излезат сите, што се при мене.« И Излегоа сите луѓе, што беа при него.
10И Амнон ѝ кажа на Тамар: »Однеси го јадењето во внатрешната соба, и јас ќе каснам од твоите раце.« Тамар ги зеде питките, што ги беше приготвила, и му ги однесе на брата си Амнон во внатрешната соба.
11А кога таа му стави да јаде, тој ја фати и ѝ рече: »Дојди легни го мене, сестро.«
12Но таа рече: »Не, брате, немој да ме обесчестиш, зашто така не се постапува во Израилот; не прави го тоа безумство.
13Па јас каде ќе одам со бесчестието свое? И ти, ти ќе бидеш безумник во Израилот; разговарај со царот; тој нема да откаже да ме даде за тебе.«
14Но тој не сакаше да ги слуша зборовите нејзини; ја надви и ја силуваше, и лежеше со неа.
15Потоа Амнон ја намрази многу, така што омразата негова спрема неа беше посилна од љубовта, што ја имаше тој кон неа; и Амнон ѝ рече: »Стани, оди си!«
16А Тамар му рече: »Не, брате, да ме избркаш е поголемо зло од првото што ми го направи.« Но тој не сакаше да ја слуша.
17И го повика младичот, што му слугуваше, па му рече: »Истерај ја оваа надвор и заклучи на вратата по неа.«
18Таа носеше шарена облека, бидејќи такви горни облеки носеа царските ќерки – девици. Слугата ја изведе надвор и ја заклучи вратата по неа.
19Тамар си ја посипа главата своја со пепел, ја раскина својата шарена облека, со која беше облечена, ги стави рацете свои на главата своја, и така одеше и викаше.
20А брат ѝ Авесалом ѝ рече: »Нели Амнон, братот мој, беше со тебе? Но сега молчи, сестро; тој ти е брат; не го кини срцето свое заради таа работа.« И Тамар живееше самотно во домот на брата си Авесалома.
21Царот Давид чу за сето тоа и силно се разгневи, но не го наскрби духот на синот свој Амнона, бидејќи го сакаше, бидејќи му беше првороден.
22Авесалом, пак, не му говореше на Амнона ни лошо ни добро; тој го намрази Амнона, поради тоа што ја обесчести сестра му Тамар.
23По две години имаше стрижба на овци кај Авесалома во Ваал-Хасор, близу до Ефрема и Авесалом ги повика сите царски синови.
24И дојде Авесалом при царот и рече: »Ете, при твојот слуга денес има стрижба на овци, нека појде царот и слугите негови со твојот слуга.«
25Но царот му рече на Авесалома: »Не, синко, нема да дојдеме сите, за да не ти додеваме.« И Авесалом го молеше многу; но тој не сакаше да оди и го благослови.
26Тогаш Авесалом му рече: »Нека дојде со нас барем братот мој Амнон.« А царот му рече: »Зошто да дојде со тебе?«
27Но Авесалом го убеди и тој го пушти со него Амнона и сите царски синови. И Авесалом приреди гозба какво гоштевање дава цар.
28Авесалом им заповеда на момците свои, велејќи им: »Гледајте, кога ќе се развесели срцето на Амнона од виното, и кога јас ќе ви кажам: поразете го Амнона, тогаш убијте го, не плашете се; тоа јас ви заповедам, бидете смели и храбри.«
29Авесаломовите момци направија со Амнона, како што им заповеда Авесалом. Тогаш станаа сите царски синови, се качи секој на маската своја и избегаа.
30Кога тие беа уште на пат, дојде слух до Давида, дека Авесалом ги убил сите царски синови, и дека од нив не останал ниеден.
31Тогаш царот стана, ја раскина облеката своја, и се фрли на земјата, и сите слуги негови, што стоеја при него, ги раскинаа облеките свои.
32Но Јонадав, синот на Сама, Давидов брат, рече: »Да не мисли господарот мој, дека сите момци, царски синови се убиени: само Амнон е убиен, зашто Авесалом ја имаше таа мисла од денот, кога Амнон ја обесчести сестрата негова;
33поради тоа, мојот господар, царот, нека не се обеспокојува од мислата дека сите царски синови умреле; умре само Амнон.«
34А Авесалом избега. Момчето, што стоеше на стража, ги крена очите и виде: ете, многу народ врви по патот на надолнината. И дојде стражарот, па му јави на царот, велејќи: »Видов луѓе низ Оронскиот пат по надолнината.«
35Тогаш Јонадав му рече на царот: »Тоа се царските синови, кои идат; како што говори слугата твој, така е.«
36И штом тој го изговори тоа, ете, пристигнаа царските синови и фатија да плачат. Па и царот и сите слуги негови плачеа многу силно.
37Авесалом, пак, избега и отиде при Талмаја, синот на гесурскиот цар Емиуд во Хамахадската земја. И царот Давид плачеше за синот свој во сите дни.
38Авесалом избега, дојде во Гесур и таму престојуваше три години.
39И царот Давид престана да го гони Авесалома, зашто се утеши поради смртта на Амнона.