2 Timothy 2
1 Чедо мое, потсилувај се во благодатта, што ти е дадена од Христа Исуса,
2 и сѐ, што си чул од мене пред многу сведоци, предај го на верни луѓе, кои се способни и други да научат.
3 Па така, поднесувај страдања како добар војник на Исуса Христа.
4 Оти ниеден војник не се вплетува во светски работи, за да му угоди на својот началник.
5 А ако, пак, некој војува, сепак венец не добива, бидејќи не се борел според правилата.
6 Земјоделецот што се труди, прв треба да вкуси од плодот.
7 Разбери што ти зборувам; а Господ нека ти даде разум во сѐ!
8 Помни Го Господа Исуса Христа од родот Давидов, Кој воскресна од мртвите, онака како што ви проповедав,
9 поради кое страдам, дури до окови, како злочинец. Но словото Божјо не се врзува.
10 Затоа сѐ трпам заради избраните, та и тие да добијат спасение во Христа Исуса со вечна слава.
11 Верни се зборовите: »Ако со Него сме умреле, со Него и ќе оживееме.
12 Ако трпиме, со Него и ќе царуваме; ако се одречеме, и Он ќе се одрече од нас.
13 Ако не веруваме, Он останува верен, бидејќи Сам Себеси не може да се одрече.«
14 Ова напомнувај го и сведочи пред Господа за да не се препираат, оти препирките ништо не помагаат, а дури им штетат на оние, што слушаат.
15 Погрижи се пред Бога да се покажеш како достоен и беспрекорно работлив, кој верно го проповеда словото на вистината.
16 А од непристојни и празни зборови клони се, зашто тие ги водат луѓето секогаш кон безбожност.
17 И словото нивно ќе се пренесува како жива рана. Такви се Именеј и Филит,
18 кои отстапија од вистината, говорејќи дека воскресението веќе станало, и со тоа им попречуваат во верата на некои.
19 Но Божјата цврста основа стои непоколебливо, имајќи го овој печат: »Ги позна Господ Своите« и »Да отстапи од неправдата секој, што го произнесува името Господово!«
20 Во голем дом има не само златни и сребрени садови, туку и дрвени, и земјани; и едните се за почесна употреба, а другите за нечиста.
21 И така, ако некој се очисти од тоа, тој ќе биде сад за почест, осветен, приспособен за употреба на господарот и приготвен за секое добро дело.
22 Избегнувај ги, исто така, и желбите на младоста, туку стреми се кон правда, вера, љубов и мир со оние, што Го призовуваат Господа од чисто срце!
23 Глупави и празни расправии избегнувај, знаејќи дека тие породуваат кавги!
24 А слугата Господов не треба да влегува во расправии; туку да биде кроток кон сите, поучлив и незлобив.
25 И со кротост поучувај ги оние што се противат, та не би ли им дал Бог покајание, за да ја познаат вистината,
26 и да се ослободат од мрежата на ѓаволот, кој ги уловил живи, за да ја исполнуваат неговата волја.