Bible

Upgrade

Your Church Presentations in Minutes

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

2 Samuel 22

:
Macedonian - 1990
1 И Давид испеа песна за Господа во денот, кога Господ го спаси од раката на сите непријатели негови и од раката на Саула, велејќи:
2 »Господ е мојата тврдина, моја крепост и мој спасител.
3 Мојот Бог е моја карпа; на Него се надевам; мој штит, рог на моето спасение, моја заштита и мое прибежиште; Спасителе мој, Ти ме спаси од непријатели.
4 Ќе го призовам сефалениот Господ и од непријателите мои ќе се спасам.
5 Бранови на смртта ме прегрнаа, и потоци од беззаконија ме исплашија;
6 веригите на пеколот ме обвиткаа, и стапици на смртта ме обмотаа.
7 Но во притеснувањето свое го призвав Господа и повикав кон мојот Бог, и Он го чу од Својот свет дворец гласот мој, и повикот мој стигна до ушите Негови.
8 Се затресе, се разниша земјата, затреперија и се поместија основите небески, зашто се разгневи Господ на нив.
9 Се крена дим од гневот Негов, и уривачки оган од устата Негова; жив јаглен се сипеше од Него.
10 Он ги наведна небесата и слезе; и мрак беше под нозете Негови;
11 седна на херувимите, летна и се понесе на ветрови крила;
12 и со мрак се покри како со шатор, згуснувајќи ги водите на облаците небески;
13 од болскотот пред Него се усвитуваа огнени јаглени.
14 Загрме Господ од небесата, и Севишниот го пушти Својот глас;
15 пушти стрели свои и ги распрсна; болсна со секавица и ги истреби.
16 Се открија изворите морски, се покажаа основите на вселената од страшниот глас на Господа, од дувањето на духот на Неговиот гнев.
17 Он подаде рака од височините, ме фати и ме извлече од големите води;
18 Ме спаси од силниот непријател мој, од оние, што ме мразеа, што беа посилни од мене.
19 Тие станаа против мене во денот на мојата неволја; но Господ ми беше потслон,
20 и ме изведе на широко место, ме спаси, зашто Он благоволи кон мене.
21 Ми воздаде Господ според мојата правда, ме награди според чистотата на рацете мои.
22 Зашто јас ги пазев патиштата Господови и не бев нечестив пред мојот Бог,
23 бидејќи сите заповеди Негови се пред мене, и од заповедите Негови не отстапував,
24 бев непорочен пред Него и внимавав да не згрешам.
25 И Господ ми воздаде според мојата правда, според чистотата моја пред Неговите очи.
26 Со милостивиот Ти постапуваш милостиво, со искрениот маж, искрено,
27 со чистиот чисто, а со лукавиот според лукавството негово.
28 Ти ги спасуваш угнетените и со погледот Свој ги уништуваш горделивите.
29 Ти си Господ, светило мое; Господ ја просветлува мојата темнина.
30 Со Тебе победувам војска; со мојот Бог прескокнувам ѕид.
31 Бог! непорочен е Неговиот пат, чисто е словото Негово; Он е штит за сите, што се надеваат на Него,
32 зашто, кој е Бог, освен Господа, и кој е сила, освен нашиот Бог?
33 Бог ме препаша со сила, ми подготвува чист пат.
34 Ми ги прави нозете како на елен, и ме поставува на висини;
35 ги учи рацете мои на борба, и ги напрегнува мускулите мои како бакарен лак.
36 Ти ми го даваш штитот на Твоето спасение, и Твојата милост ме возвеличува.
37 Ти ги зголемуваш чекорите мои под мене, и моите нозе не се нишаат.
38 Јас ги гонам непријателите мои и ги истребувам, и не се враќам додека не ги уништам;
39 ги истребувам и ги поразувам, и тие не стануваат, а паѓаат под нозете мои.
40 Ти ме препашуваш со сила за бој и ги кутнуваш пред мене оние што станале против мене;
41 Ти го свртуваш кон мене грбот на моите непријатели, и јас ги истребувам оние, што ме мразат.
42 Тие викаат, но нема кој да ги спаси, кон Господа, но Он не ги слуша.
43 Ги тријам како прав земен, како улична кал ги размачкувам и ги газам.
44 Ти ме спаси од побуната на мојот народ; Ти ме зачува, за да бидам глава над другородците; народ, што не го познавав, ми слугува.
45 Другородците ми ласкаат; штом ќе чујат за мене, ми се покоруваат.
46 Другородците бледнеат и треперат во своите тврдини.
47 Жив е Господ и благословен е мојот заштитник! Нека се превознесува Бог, прибежиштето на моето спасение,
48 Бог, Кој одмаздува за мене, Кој ми ги покорува народите
49 и Кој ме спасува од непријателите мои! Над оние, што стануваа против мене, Ти ме воздигна; Ти ме избави од жестокиот човек.
50 Затоа ќе Те прославувам Тебе, Господи, меѓу незнабошците и ќе го воспевам името Твое.
51 Тебе, Кој славно го спасуваш Својот цар и му правиш милост на помазаникот Свој Давида и на потомството негово засекогаш.«