Bible

Transform

Your Worship Experience with Great Ease

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

2 Samuel 18

:
Macedonian - 1990
1 Давид ги прегледа луѓето, што беа со него, и постави над нив илјаданачалници и стотници.
2 Давид ги испрати луѓето една третина под водство на Јоава, една третина под водство на Авеса, синот Саруев, брат Јоавов, една третина под водство на Гетецот Етеј. Тогаш царот им рече на луѓето: »И јас ќе дојдам со вас.«
3 Но луѓето му одговорија: »Не доаѓај, зашто, ние и да избегаме, тоа нема да се забележи; и половината од нас да умре, тоа исто така нема да се забележи; ти, ти, бидејќи, сам чиниш, колку десет илјади од нас, затоа подобро е за нас да ни помагаш од градот.«
4 Царот им рече: »Што ќе најдете за добро, тоа и ќе го направам.« И царот се задржа при портите, и сиот народ излегуваше по стотици и по илјади.
5 Царот им заповеда на Јоава, Авеса и Етеја, велејќи: »Зачувајте ми го момчето Авесалома.« И сите слушаа, што им заповедаше царот на сите началници за Авесалома.
6 Излегоа луѓето во полето против Израилците, и започна битка во Ефремовата гора.
7 И народот Израилев беше победен од Давидовите слуги; тој ден таму стана голем пораз, беа убиени дваесет илјади души.
8 А битката се прошири по целата онаа земја, и гората погуби повеќе народ, отколку што се истреби со мечот во тој ден.
9 Авесалом се сретна со Давидовите слуги; тој јаваше на маска. Кога маската навлезе под гранките на еден голем даб, косата на Авесалома му се заплетка во гранките од дабот, и тој почна да виси меѓу небото и земјата, а маската, што беше под него, избега.
10 Некој го виде тоа и му јави на Јоава, велејќи: »Ете, јас го видов Авесалома како виси на дабон.«
11 Јоав му кажа на човекот што му го соопшти тоа: »Ете, си видел; зошто не го кутна таму на земја? Ќе ти дадев десет сикли сребро и еден појас.«
12 И оној му одговори на Јоава: »Да ставеа во рацете мои и илјада сикли сребро, и тогаш не би кренал рака врз царскиот син; зашто ние чувме, дека царот ти заповеда тебе, на Авеса и на Етеја, велејќи: ‚зачувајте ми го момчето Авесалома‘;
13 и да бев постапил поинаку во опасност по животот свој, тоа не би останало сокриено од царот, па и ти би станал против мене.«
14 Јоав рече: »Нема зошто да се занимавам со тебе.« И зеде во рацете три стрели и ги забоде во срцето на Авесалома, кој уште беше жив на дабот.
15 Тогаш го опколија Авесалома десет момци, Јоавови оруженосци, го удираа и го умртвија.
16 И затруби Јоав со труба, и луѓето, што го гонеа Израилот, се вратија, бидејќи Јоав го штедеше народот.
17 Го зедоа Авесалома, го фрлија во гората, во длабока јама, и натрупаа врз него голема грамада камења. И сите Израилци се разбегаа, секој во шаторот свој.
18 Уште додека беше жив, Авесалом си беше изградил споменик во царската долина; зашто велеше: »Јас немам син, за да се зачува споменот за името мое«. И до денес тој се нарекува Авесаломов споменик.
19 Ахимас, син Садоков, му рече на Јоава: »Ќе отрчам да му јавам на царот, дека Господ преку Својот суд го спаси од рацете на непријателите негови.«
20 Но Јоав му рече: »Нема да бидеш добар известувач денес; друг ден ќе јавиш, а не денес, зашто царевиот син умре.«
21 Јоав му рече потоа на Хусија: »Оди, јави му на царот што си видел.« И Хусиј му се поклони на Јоава и отрча.
22 Но Ахимас, Садоковиот син, настојуваше и му велеше на Јоава: »Што и да биде, и јас ќе трчам по Хусија.« а Јоав му одговори: »Што ти треба да трчаш, синко? Добра вест нема да однесеш.«
23 Ахимас рече: »Така нека биде, но јас ќе отрчам.« Тогаш Јоав му рече: »Трчај.« И Ахимас потрча по напречен пот и го испревари Хусија.
24 Во тоа време Давид седеше меѓу двете порти. И стражарот излезе под вратната стреа откај ѕидот, ги крена очите и виде, еден човек трча.
25 И стражарот извика и му соопшти на царот. А царот рече: »Ако е сам, вест носи во устата своја.« А оној сѐ повеќе и повеќе се приближуваше.
26 Стражарот виде друг човек дека трча; и стражарот му викна на вратарот: »Ете, уште еден човек трча.« Царот рече: »И тој е известувач.«
27 Стражарот рече: »Го гледам одењето на привиот, тоа прилега на одењето на Ахимаса, Садоковиот син.« А царот рече: »Тој е добар човек и доаѓа со добра вест.«
28 Ахимас извика и му рече на царот: »Мир!« И му се поклони на царот со лицето до земја и рече: »Благословен Господ, Бог твој, Кој ги предаде луѓето, што беа кренале рака против мојот господар, царот!«
29 А царот праша: »Здраво ли е момчето Авесалом?« Ахимас одговори: »Видов голема мешаница, кога царскиот служител Јоав го испраќаше својот слуга; не не знам, што стануваше таму.«
30 Царот рече: »Помести се и застани тука.« И тој се помести и застана.
31 Ете, пристигна и Хусиј по него. И Хусиј му рече на царот: »Добра вест за господарот мој, царот! Господ ти направи денес правда, спасувајќи те од раката на сите, што беа станале против тебе.«
32 А царот го праша Хусија: »Здраво ли е момчето Авесалом?« Хусиј одговори: »Да даде Бог со непријателите на мојот господар, царот, и со сите зломислиници против тебе да се случи истото, што го снајде момчето!«
33 Се збрка царот и отиде во собата над портите и плачеше и, кога си одеше, велеше вака: »Сине Авесаломе! Сине, сине Авесаломе! О, да бев умрел јас наместо тебе, Авесаломе, сине мој, сине!«