Bible

Simplify

Your Church Tech & Streamline Your Worship

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

2 Samuel 15

:
Macedonian - 1990
1 Потоа Авесалом си набави коли и коњи и педесет брзоодци.
2 Авесалом стануваше изутрина рано, се запираше крај патот при портите и, кога некој имаше поплака и одеше при царот на суд, тој го повикуваше и го прашуваше: »Од кој град си?« И кога оној одговараше: »од тоа и тоа Израилево племе е твојот слуга«,
3 тогаш Авесалом му велеше: »Ете, твоето дело е добро и праведно, но при царот нема кој да те ислуша.«
4 И Авесалом уште велеше: »О, да беа ме поставиле мене за судија во оваа земја! При мене би доаѓал секој, кој има расправија и поплака, и јас би судел по правда.«
5 И кога некој ќе се доближеше да му се поклони, тој ја протегаше раката и го прегрнуваше и го бакнуваше.
6 Така постапуваше Авесалом со секој Израилец, кој доаѓаше при царот да се суди, и навлегуваше Авесалом во срцата на Израилците.
7 Откако изминаа четириесет години од царувањето на Давида, Авесалом му рече на царот: »Да одам и да го исполнам мојот завет, што му го бав дал на Господа во Хеврон.
8 Зашто јас, твојот слуга, кога живеев во Гесур, во Сирија, ветив: ако Господ ме врати во Ерусалим, дека ќе му принесам жртва на Господа.«
9 А царот му рече: »Оди со мир.« И тој стана и отиде во Хеврон.
10 А Авесалом распрати разузнавачи меѓу сите Израилеви колена, велејќи: »Коа ќе чуете звук од труба, велете: ‚Авесалом стана цар во Хеврон.‘«
11 Од Ерусалим отидоа со Авесалома двесте души, што ги беше поканил, и тие отидоа простодушно, баз да знаат, каква е работата.
12 Во времето принесување жртви, Авесалом испрати, та го повика гилонецот Ахитофела, Давидов советник, од неговиот град Гилон. И почна буна голема, и народот се собираше и се умножуваше околу Авесалома.
13 И дојде разузнавач при Давида и рече: »Срцето на Израилците се сврти кон Авесалома.«
14 Тогаш им рече Давид на сите свои слуги, што беа при него во Ерусалим: »Станувајте да бегаме, зашто за нас нема спас од Авесалома; брзајте да излеземе, да не нѐ затече и нѐ фати, да не ни навлече зло и да го истреби градот со меч.«
15 Царските слуги му рекоа на царот: »Во сѐ што му е угодно на господарот наш, царот, ние сме твои слуги.«
16 Па излезе царот и по него сиот дом негов пешки. Царот остави десет свои наложници да ја чуваат куќата.
17 И излезе цаарот и сиот народ пешки, и се задржаа на едно подалечно место.
18 И сите слуги негови врвеа од двете страни негови, и сите Хелетејци, сите Фелетејци и сите Гетејци до шестотини души што беа дошле заедно со него од Гет, одеа пред царот.
19 И царот му рече на Гетеецот Етеја: »Зошто си тргнал и ти со нас? Врати се и остани со оној цар, бидејќи си туѓ и си избегал од својата земја.
20 Ти си дошол вчера, а денес ќе те терам да одиш со нас ли? Јас одам, каде што можам; врати се и врати ги со себе и браќата свои; Господ нека ти укаже милост и правда!«
21 А Етеј му одговори на царот и рече: »Жив ми Господ, и да живее мојот господар, царот; каде и да биде мојот господар, царот, жив или мртов, таму ќе биде и твојот слуга.«
22 Тогаш Давид му рече на Етеја: »Дојди, пак, и оди со мене.« И Тргна Гетеецот Етеј и сите луѓе негови и сите деца што беа со него.
23 И целата земја плачеше на висок глас. И сиот народ минуваше, и царот го мина потокот Кедрон; и тргна сиот народ и царот по патот кон пустињата.
24 Ете, и свештеникот Садок и заедно со него сите левити го носеа ковчегот на Божјиот завет од Ветара, и го поставија Божјиот ковчег; Авијатар пак стоеше на височината, додека сиот народ излезе од градот.
25 И царот му рече на Садока: »Врати го Божјиот ковчег во градот и нека стои на местото свое. Ако најдам милост пред очите на Господа, Он ќе ме врати и ќе ми даде да Го видам Него и Неговото живеалиште.
26 Ако, пак, Он каже: ‚Немам кон тебе благонаклоност‘, тогаш ете ме; нека врши со мене, како што ќе Му биде угодно.«
27 И му кажа уште царот на свештеникот Садок: »Гледаш ли, врати се во градот со мир зедно со сина си Ахимаса и со Авијатаровиот син Јонатана, двајцата ваши синови;
28 гледате ли, јас ќе се позабавам по рамнината во пустињата, додека ми стигне известување од вас.«
29 Садок и Авијатар го вратија Божјиот ковчег во Ерусалим и останаа таму.
30 А Давид тргна кон Елеонската планина, врвеше и плачеше; главата му беше покриена, и тој одеше бос; и сите луѓе, што беа со него, ја покрија секој својата глава, одеа и плачеа.
31 Му јавија на Давида и рекоа: »И Ахитофел е меѓу заговорниците со Авесалома.« И рече Давид: »Господи, Боже мој, оневозможи го советот на Ахитофела.«
32 Кога Давид се искачи на врвот од гората, каде што сакаше да Му се поклони на Господа, ете во пресрет му доаѓа Хусиј, Давидов прв пријател: облеката му беше раскината, и на главата имаше прав.
33 И Давид му рече: »Ако дојдеш со мене, ќе ми бидеш товар:
34 но, ако се вратиш во градот и му кажеш на Авесалома: ‚Царе, браќата твои минаа, и царот татко ти мина, и сега јас сум твој слуга; остави ме жив, досега бев слуга на татко ти, а сега сум твој слуга‘, ти ќе оневозможиш за мене советот на Ахитофела.
35 Ете, таму со тебе ќе бидат свештениците Садок и Авијатар, и секој збор, што ќе го чуеш од домот на царот, соопштувај им го на свештениците, на Садока и на Авијатара.
36 Заедно со нив таму се и двајцата нивни синови: Ахимас, син Садоков, и Јонатан, син Авијатаров; по нив испраќајте ми ја секоја вест, што ќе ја чуете.«
37 Така, Хусиј, Давидовиот пријател, отиде во градот, а во тоа време Авесалом влегуваше во Ерусалим.