2 Samuel 14
1 Саруевиот син Јоав забележа дека срцето на царот се сврти кон Авесалома.
2 Јоав испрати во Текоја и доведе оттаму една умна жена и рече: »Преправи се дека плачеш; облечи жална облека, немој да се помажеш со масло, и претстави се како жена, која оплакува многу дни мртовец;
3 по оди при царот и кажи му така и така.« И Јоав ѝ стави во устата нејзина, што да каже.
4 И жената Текојанка влезе при царот, падна ничкум на земја, се поклони и му рече: »Помогни, цару, помогни!«
5 Царот ја праша: »Што ти е?« А таа одговори: »Вдовица сум, умре мажот мој;
6 слугинката твоја имаше двајца синови; тие се скараа во полето, немаше кој да ги раздели, и едниот го удри другиот и го уби.
7 И ете, целиот род стана против слугинката твоја, и рече: ‚предај го оној, што го уби брата си, ние ќе го убиеме заради душата на брата му, која тој ја погуби, и ќе го истребиме дури и наследникот.‘ И така, тие ќе ја изгаснат искрата, која уште ми останува, за да не остават име и потомство на мажот ми по лицето на земјата.«
8 А царот ѝ рече на жената: »Оди си спокојно дома, јас ќе дадам заповед за тебе.«
9 Но жената Текојанка му рече на царот: »Врз мене, царе, господаре мој, нека биде вината и врз татковиот ми дом, а царот и престолот негов се невини.«
10 И царот ѝ рече: »Доведи ми го оној, што ќе биде против тебе, и тој повеќе нема да те гибне.«
11 Таа рече: »Заколни се, царе, во Господа, твојот Бог, дека нема да се умножат одмаздниците за крв и нема да го погубат синот мој.« Царот рече: »Жив ми Господ! Ни влакно од твојот син нема да падне на земјата.«
12 И жената рече: »Дозволи ѝ на слугинката твоја да му каже уште еден збор на својот цар – господар.«
13 Тој рече: »Говори.« И жената рече: »Зошто мислиш така против Божјиот народ?« Царот, откако го кажа тој збор, сам се обвини, поради тоа што не го враќа својот прогонет.
14 »Ние ќе умреме и ќе станеме како разлеана вода на земјата, која не може да се собере; но Бог не сака да ја погуби душата и се грижи да не го отфрли од Себеси и отфрлениот.
15 И сега јас дојдов да му ги кажам на царот, мојот господар, тие зборови, зашто народот ме плаши; и твојата слугинка си вели: ‚ќе поразговарам со царот, дали нема да постапи тој според зборот на слугинката своја:
16 царот бездруго ќе ја ислуша и ќе ја спаси слугинката своја од раката на оние, што сакаат да ме истребат, заедно со синот мој, од Божјото наследство.‘
17 Затоа, твојата слугинка си рече: ‚зборот на мојот господар – цар нека ми биде утеха, зашто мојот господар – цар е како Ангел Божји, и може да го ислуша и доброто и лошото. И Господ, Бог твој, ќе биде со тебе.‘«
18 Царот одговори и ѝ рече на жената: »Не го криј од мене тоа за што ќе го прашам.« И жената рече: »Говори, господаре мој, цару.«
19 Царот ја праша: »Во сето тоа не е ли со тебе раката на Јоава?« Жената одговори и рече: »Да ти е жива душата, господаре мој, цару, не може да има скршнување ни десно, ни лево; вистина, твојот слуга Јоав ми заповеда и тој ги стави во устата на слугинката твоја сите тие зборови.
20 Твојот слуга Јоав ме научи, преку приказната да ѝ дадам таков вид на оваа работа. Но мојот господар царот е мудар, како што е мудар Ангелот Божји, тој знае сѐ, што се случува на земјата.«
21 И царот му рече на Јоава: »Ете, јас направив според зборот твој, оди впрочем, врати ми го детето Авесалома.«
22 Тогаш Јоав падна ничкум на земјата и се поклони, и го благослови царот, велејќи: »Сега слугата твој знае, дека нашол благонаклоност пред твоите очи, господаре мој, цару, бидејќи царот постапи според зборот на својот слуга.«
23 Па стана Јоав, та отиде во Гесур и го доведе Авесалома во Ерусалим.
24 И царот рече: »Нека се врати во куќата своја, но лицето мое да не го гледа.« И Авесалом отиде во куќата своја, но царското лице не го виде.
25 Меѓу сите Израилци немаше таков убавец како Авесалом, ни толку пофалуван како него: од одот на нозете до врвот на главата негова во него немаше недостаток.
26 Кога ќе ја истрижеше косата своја, а тој ја стрижеше секоја година, бидејќи му тежеше, – косите од главата негова тежеа двесте сикли според царската мера.
27 И на Авесалома му се родија тројца синови и една ќерка, по има Тамар; таа беше многу убава. Таа му стана жена на Ровоама, Соломоновиот син, и му го роди Авија.
28 И остана Авесалом во Ерусалим две години, но царевото лице не го виде.
29 Тогаш Авесалом испрати по Јоава, за да го одведе при царот; но тој не сакаше да дојде при него. Го повика и вторпат, но тој пак не сакаше да дојде.
30 Тогаш Авесалом им рече на своите слуги: »Ја гледате ли нивата на Јоава до мојата? Тој таму има јачмен; одете и изгорете ја со оган.« И Авесаломовите слуги ја изгореа со оган онаа нива. И дојдоа слугите на Јоава при него, ги раскинаа облеките свои, и рекоа: »Авесаломовите слуги ја изгореа нивата твоја со оган.«
31 И стана Јоав, па отиде при Авесалома дома и му рече: »Зошто слугите Твои ја изгореа нивата моја со оган?«
32 А Авесалом му одговори на Јоава: »Ете, јас испраќав по тебе и велев: ‚Дојди тука, и јас ќе те пратев при царот да кажеш: зошто сум дошол од Гесур? Подобро ќе беше да останев таму. Јас сакам да го видам лицето на царот. Ако, пак, сум виновен, убиј ме!‘«
33 Јоав отиде при царот и му го раскажа тоа. Царот го повика Авесалома. Тој дојде при царот, му се поклони и падна ничкум на земја пред царот. И царот го бакна Авесалома.