2 Samuel 12
1 Господ го испрати Натана, пророкот при Давида, и тој отиде при него и му рече: »Во еден град имаше двајца луѓе – едниот богат, а другиот сиромав;
2 богатиот имаше мошне многу ситен и крупен добиток,
3 а сиромавиот немаше ништо, освен една овчичка, што ја беше купил мала и ја исхранил, и таа беше пораснала при него заедно со децата негови; таа јадеше од лебот негов, пиеше од чашата негова, спиеше на градите негови и му беше како ќерка;
4 при богатиот човек дојде еден странец; и нему не му се свиде да земе од овците или од воловите свои, за да зготви ручек на странецот, кој беше дошол при него, туку ја зеде овчичката на сиромавиот и му ја приготви неа на човекот, што беше дошол при него.«
5 Давид многу се разгневи против тој човек и му рече на Натана: »Жив ми Господ! Смрт заслужува оној човек, што го направил тоа;
6 и за овчичката тој треба да плати четворно, зашто го направил тоа и затоа што немал милост.«
7 Тогаш Натан му кажа на Давида: »Ти си оној човек што го изврши тоа. Така говори Господ, Бог Израилев: ‚Јас те помазав за цар над Израилот, те спасив од рацете Саулови,
8 ти го дадов домот на твојот господар и жените на господарот твој во твоја прегратка, ти го дадов домот Израилев и Јудин и, ако ти е тоа малку, би ти придал уште повеќе;
9 а ти што го пренебрегна зборот на Господа, извршувајќи зло пред очите Негови? Урија Хетеецот го порази со меч, жената негова ја зеде за своја жена, а него го уби со амонитски меч;
10 затоа мечот нема да отстапи од твојот дом засекогаш, бидејќи ти ме запостави и ја зеде жената на Хетеецот Урија, за да биде твоја жена.‘
11 Така говори Господ: ‚Ете, јас ќе подигнам зло против твојот дом, ќе ги земам твоите жени пред очите твои и ќе ги дадам на ближниот твој, и тој ќе спие со твоите жени под оваа сонце;
12 ти го изврши тоа тајно, Јас, пак, ќе го извршам пред целиот Израил на бел ден.‘«
13 Тогаш Давид му рече на Натана: »Згрешив пред Господа.« А Натан му кажа на Давида: »И Господ го симна од тебе гревот твој; ти нема да умреш;
14 но бидејќи со тоа ти им даде повод на непријателите Господови да Го хулат, затоа синот што ти се роди ќе умре.«
15 Натан отиде во домот свој. И Господ го порази детето, што му го беше родила на Давида Уриевата жена, и тоа се разболе.
16 Давид Му се молеше на Бога за детето, постеше Давид и осамен ја мина ноќта, легна на земја.
17 И влегоа при него старешините на домот негов, да го кренат од земјата; но тој не сакаше и не јадеше леб со нив.
18 На седмиот ден детето умре, и слугите Давидови се плашеа да му соопштат, дека детето умрело; зашто си мислеа тие, кога детето беше уште живо, и ние му прозборувавме, а тој не го слушаше гласот наш, како ќе му кажеме: »детето умре«. Тој ќе стори нешто лошо.
19 Виде Давид дека слугите негови се дошепнуваат, и разбра оти детето умрело, па ги праша слугите: »Умре ли детето?« Тие му одговорија: »Умре.«
20 Тогаш Давид стана од земјата, се изми, се помаза, се преоблече и отиде во домот Господов и се молеше. Кога се врати дома, побара да му донесат леб и јадеше.
21 И го запрашаа слугите негови: »Што значи тоа, што постапуваш така? Додека детето уште беше живо, ти постеше и плачеше, и не спиеше; а откако умре детето, ти стана и јадеш леб и пиеш.«
22 Давид им одговори: »Додека детето беше живо, јас постев и плачев, бидејќи мислев: кој знае, нема ли да се смили над мене Господ и нема ли детето да остане живо?
23 А сега е умрено; зошто да постам? Зар можам да го вратам? Јас ќе отидам при него, тоа нема да се врати при мене.«
24 И Давид ја утеши жената своја Вирсавија, и влезе при неа и спиеше со неа; таа зачна и роди син, кому му даде име Соломон. И Господ го возљуби;
25 и го испрати пророкот Натана, и тој го нарече: Едидија, според словото Господово.
26 Јоав војуваше против Рава Амонитска и туку-речи го презеде тој царски град.
27 Испрати Јоав да му кажат на Давида: »Јас напаѓав на Рава и ја освоив водата на градот;
28 сега собери го другиот народ и тргни кон градот, и преземи го; зашто, ако го преземам јас, ќе му се даде моето име.«
29 Давид го собра сиот народ, тргна кон градот Рава, војуваше против него и го презеде.
30 Давид го зеде венецот на царот нивни од главата негова, – а во него имаше талант злато и скапоцен камен, – и го стави Давид на својата глава, и однесе од градот многу голем плен.
31 А народот, што беше во него, го изведе и го пренесе преку пили, преку железни гребла, преку железни секири и го фрли во печката за печење тули. Така постапи тој со сите амонитски градови. Потоа Давид се врати со сиот народ во Ерусалим.