2 Samuel 10
1 По извесно време умре амонитскиот цар, и место него стана цар синот негов Анон.
2 И Давид рече: »Ќе покажам милост кон Анона, Наасовиот син, за добрината, што ми ја направи татко му негов.« Па ги испрати Давид слугите свои да го утешат Амона поради татка му. И давидовите слуги отидоа во Амонитската земја.
3 Но амонитските кнезови му рекоа на господарот свој Анона: »Зар мислиш, дека Давид од почит кон татка ти испратил при тебе утешители? Да не ги испратил Давид слугите свои при тебе, за да го прегледаат градот и да видат во него сѐ и сешто, па да го сосипат?«
4 И Анон ги фати Давидовите слуги и на секого од нив му ја избричи половината од брадата и им ги потсече алиштата на половина, до крстот и ги пушти.
5 Кога му јавија за тоа на Давида, тој испрати да ги пречекаат, бидејќи беа многу обезличени. И царот заповеда да им кажат: »Останете во Јерихон додека ви порастат брадите, и тогаш вратете се.«
6 Видоа Амонитите, дека станаа намразени кај Давида; па испратија Амонитите да најмат Сиријци од Вет-Рехов и Сиријци од Сува – дваесет илјади пешаци, од амаликијскиот цар Мах – илјада души и од Ист-Тов дванаесет илјади души.
7 Кога Давид чу за тоа, го испрати Јоава со сета храбра војска.
8 Излегоа Амонитите и се распоредија за борба при портите, а Сиријците од Сува и Рехов, а Ист-Тов и Мах се задржаа одделно во полето.
9 Кога виде Јоав, дека непријателската војска се распоредила спроти него и отспреди и одзади, избра војници од сите одбрани Израилци, и ги распореди против Сиријците;
10 а другиот дел од луѓето му ги довери на братот свој Авеса, за да ги нареди против Амонитите.
11 Тогаш рече Јоав: »Ако Сиријците почнат да ме надвиваат, ти ќе ми помогнеш; ако, пак, Амонитите почнат да те надвиваат тебе, јас ќе ти дојдам на помош;
12 биди храбар, и да стоиме цврсто за нашиот народ и за градовите на нашиот Бог, а Господ ќе го направи она, што Му е угодно.«
13 и влезе Јоав и народот, што беше со него, во борба против Сиријците, и тие избегаа од него.
14 Амонитите, пак, кога видоа, дека Сиријците бегаат, избегаа од Авеса и влегоа во градот. И Јоав се врати од Амонитите и дојде во Ерусалим.
15 Сиријците, штом видоа дека Израилците ги поразија, се собраа сите наедно.
16 И Адраазар испрати, та ги повика Сиријците, што беа од онаа страна на реката Халемак, и, ете, дојдоа до Елам; а Совак, Адраазаровиот војвода, ги предводеше.
17 Кога му јавија за тоа на Давида, тој ги свика сите Израилци, го премина Јордан и стигна до Елам. Сиријците се распоредија против Давида и се судрија со него.
18 Сиријците избегаа од Израилците, Давид истреби седумстотини сириски коли и четириесет илјади коњаници, го порази и војводата Совак, кој и умре таму.
19 Кога сите потчинети цареви на Адраазара видоа дека Израилците ги поразија, склучија со Ираилците мир и им се покорија. И Сиријците веќе се плашеа да им помагаат на Амонитите.