Bible

Engage

Your Congregation Like Never Before

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

2 Samuel 1

:
Macedonian - 1990
1 По Сауловата смрт, кога Давид се врати по разбивањето на Амаликијците и престојуваше во Секелаг два дена,
2 ете, на третиот ден доаѓа човек од Сауловиот логор; облеката му е испокината и на главата има прав. Штом дојде кај Давида, падна на земја и му се поклони.
3 И Давид го праша: »Од каде доаѓаш?« Тој одговори: »Избегав од Израилскиот логор.«
4 Давид пак го праша: »Што стана? Раскажи ми.« А тој одговори: »Народот се разбега од битката, и многу народ падна и изумре; умреа и Саул и синот негов Јонатан.«
5 Давид го праша момчето што му раскажуваше: »Од каде знаеш дека Саул и синот негов Јонатан умреле?«
6 А момчето, што му раскажуваше, рече: »Јас случајно отидов на Гелвујската гора, и ете, Саул падна врз копјето свое, а колите и коњаниците го стигнаа.
7 Тогаш тој се сврте назад и, откако ме виде, ми викна.
8 И јас реков: ‚Еве ме.‘ Тој ме праша: ‚Кој си ти?‘ Јас му одговорив: ‚Јас сум Амаликиец.‘
9 Тогаш тој ми рече: ‚Дојди кај мене и убиј ме, зашто смртна тага ме опфатила, но душата моја сѐ уште е во мене.‘
10 И јас се приближив до него и го убив, бидејќи знаев, оти тој нема да остане жив по паѓањето свое; и го зедов царскиот венец, што беше на главата негова, и гривната, што беше на раката негова, и ги донесов тука на господарот свој.«
11 Тогаш Давид се фати за облеката своја и ја раскина, исто така и сите луѓе, што беа со него, ги раскинаа алиштата свои,
12 и липаа, и плачеа и постеа до вечерта за Саула и за синот негов Јонатан, и за народот Господов и за домот Израилев, поради тоа што беа загинале од меч.
13 Давид, пак, го запраша момчето, што му раскажуваше: »Ти од каде си?« А тој му одговори: »Јас сум син на еден придојден Амаликиец.«
14 Тогаш Давид му рече: »Како не се исплаши да кренеш рака, за да убиеш помазаник Господов?«
15 И Давид повика еден од момците и му кажа: »Дојди и убиј го!« И оној го уби, и тој умре.
16 И Давид му рече: »Твојата крв нека биде врз главата твоја, бидејќи твојата уста сведочеше против тебе, кога велеше: ‚Го убив помазаникот Господов.‘«
17 Потоа Давид го оплака Саула и синот негов Јонатана со оваа плачевна песна,
18 заповедајќи им на синовите Јудини да научат да фрлаат лак, како што е напишано во книгата на праведникот, и рече:
19 »Твојата убавина, о Израиле, е погубена врз твоите височини! Како паднаа силните!
20 Не раскажувајте во Гет, не разгласувајте по улиците на Аскалон, да не се радуваат ќерките филистејски, да не ликуваат ќерките на необрезаните.
21 Гори Гелвујски, да не паѓа на вас ни роса, ни дожд, ниту да има по вас полиња со плодови, зашто таму е фрлен штитот на Саула, како да не беше тој помазан со елеј.
22 Без крв од ранети, без мрс од силни, лакот Јонатанов не се враќаше назад, ниту мечот Саулов се враќаше празен.
23 Саул и Јонатан, сакани и сложни во животот свој, не се разделија ни во смртта своја; тие беа побрзи од орлите, посилни од лавовите.
24 Ќерки Израилеви, плачете за Саула, кој ве облекуваше во пурпурна облека со украси и ги китеше со златни накити облеките ваши!
25 О, како паднаа силните во борбата! Загина Јонатан на твоите височини.
26 Жалам за тебе, брате Јонатане; ти ми беше многу мил; твојата љубов за мене беше поголема од женската љубов.
27 Како паднаа силните, како загина бојното оружје!«