2 Peter 2
1 А во народот имаше и лажни пророци, како што и меѓу вас ќе има лажни учители, кои што ќе внесат погубни ереси и, откако се одречат од Господа, Кој ги откупил, ќе навлечат врз себеси брза погибел.
2 И мнозина ќе појдат по нивните нечистотии, и поради нив патот на вистината ќе биде похулен.
3 И, подбудувајќи ве од користољубивост, ќе ве привлекуваат со ласкави зборови; но нивното осудување е одамна готово, и нивната погибел не дреме.
4 Зашто Бог, кога не ги поштеди ангелите што згрешија, туку ги турна во пеколот со вериги на мракот, ги предаде да бидат пазени за судот;
5 и кога не го поштеди првиот свет, туку, кога нанесе потоп на безбожниот свет, го запази само осмочлениот Ноја, проповедникот на правдата;
6 и градовите Содом и Гомор ги осуди на разурнување и ги претвори во пепел, па ги остави како пример на идните безбожници,
7 а го избави праведниот Лот, кого го осрамотија беззакониците со нечистиот живот.
8 Оти, кога живееше праведникот меѓу нив, гледајќи ги и слушајќи ги беззаконските дела, од ден на ден ја измачуваше својата праведна душа;
9 тоа Господ знае како да ги избавува побожните од искушенија, а неправедните да ги држи во маки за судниот ден;
10 а најмногу оние, што се управуваат според телото во неговите гнасни похоти, кои што ги презираат началниците, дрски се, горди и не се плашат да хулат на власта,
11 кога и ангелите, кои се поснажни и посилни од нив, не изговараат за нив хула пред Господа.
12 А тие, како неразумни животни, кои се од природата така создадени за да се фаќаат и уништуваат, хулејќи го она, што не го разбираат, во својата погибел ќе загинат,
13 добивајќи награда за неправда. Тие секојдневниот живот во раскош го сметаат како наслада; тие се срам и грев, насладувајќи се со своите измами, јадејќи со вас;
14 имаат очи полни со прељубодејство и постојанен грев, ги мамат неутврдените души; имаат срце привикнато на лакомство: тие се чеда на проклетството.
15 Откако го оставија вистинскиот пат и се заблудија, тргнаа по стапките на Восоровиот син Валаам, кој засака неправедна плата;
16 но беше изобличен за своето беззаконие: неразумното животно проговори со човечки глас и го запре безумството на пророкот.
17 Тие се безводни извори, облаци и магли, од бура разнесувани; за нив е запазен мракот на темнината засекогаш.
18 Зашто, говорејќи празни зборови, ги мамат на телесни похоти нечистотија оние, кои од скоро време се оттргнале од оние што живеат во заблуда.
19 Им ветуваат слобода, кога тие самите се робови на развратот, зашто кога некој некого победува, тој и го поробува.
20 Оти, откако ги избегнале световните скверности преку познавањето на Господа и Спасителот наш Исус Христос, ако пак се заплетат во нив и бидат победени, тогаш за такви последното ќе им биде полошо од првото.
21 За нив би било подобро, да не беа го познале патот на правдата, отколку, откако го познаа, да се вратат назад од светата заповед, која им е предадена.
22 Ним им се случува според вистинската поговорка: »Песот се враќа на својата блувотина«, и »Искапената свиња – во калта«.