Bible

Upgrade

Your Church Presentations in Minutes

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

2 Kings 4

:
Macedonian - 1990
1 Една од жените на пророчките синови со плачење му говореше на Јелисеја: »Твојот слуга, мажот мој, умре; а ти знаеш, дека твојот слуга се плашеше од Господа; сега дојде заемодавачот да ги земе двете мои деца за робје.«
2 Јелисеј ѝ рече: »Што да направам за тебе? Кажи ми што имаш дома?« Таа одговори: »Слугинката твоја ништо нема во домот свој, освен еден сад со масло.«
3 А тој рече »Оди и побарај садови однадвор, од сите твои соседи, празни садови; собери доволно,
4 потоа оди и затвори ја вратата зад себе и зад синовите свои и налевај во сите тие садови; полните ставај ги настрана.«
5 Таа си отиде од него и ја затвори вратата зад себеси и зад синовите свои. Тие ѝ подаваа, а таа налеваше.
6 Кога беа наполнети садовите, таа му рече на синот свој: »Дај ми уште еден сад.« Тој ѝ рече: »Нема повеќе садови.« И маслото престана да тече.
7 Таа дојде и му раскажа на Божјиот човек. Тој ѝ рече: »Оди, продај го маслото и исплати ги долговите свои; а со тоа, што ќе остане, ќе живееш со синовите свои.«
8 Еден ден Јелисеј отиде во Сонам. Таму една богата жена го покани во домот свој да јаде леб, и тој, секогаш кога ќе минеше, навратуваше таму да јаде леб.
9 Таа му рече на мажот свој: »Ете, јас знам, дека Божјиот човек, кој постојано минува покрај нас, е свет;
10 да му направиме мала горна соба над ѕидот и да му ставиме таму легло и маса, и стол и светилник, та кога доаѓа кај нас, да се повлекува таму.«
11 Еден ден Јелисеј отиде таму, се качи во горната соба своја и си легна таму,
12 па му кажа на слугата свој Гиезиј: »Повикај ја таа Сонамка.« Тој ја повика, и таа застана пред него.
13 И му рече: »Кажи н: ‚ете, ти толку се грижиш за нас; што да направиме за тебе? Има ли потреба да му проговориме за тебе на царот, или на војводата!‘« Таа одговори: »Не, јас живеам меѓу народот свој.«
14 Јелисеј продолжи и рече: »Тогаш што да направиме за неа?« И рече Гиезиј: »Ете, таа нема син, а мажот нејзин е стар.«
15 И рече Јелисеј: »Повикај ја.« Тој ја повика, и таа застана на вратата.
16 Јелисеј ѝ рече: »По една година, во ова исто време, ти ќе држиш на раце син.« Таа рече: »Не, господару мој, човеку Божји, немој да ја лажеш слугинката своја.«
17 И жената остана бремена и роди син на другата година, во она исто време, како што ѝ кажа Јелисеј.
18 Детето порасна и еден ден отиде кај татка си, при жетварите.
19 И му кажа на татка си: »Главата, главата ме боли.« А тој му рече на слугата свој: »Одведи го кај мајка му!«
20 Го зеде и го одведе кај мајка му. И тоа седеше во скутот нејзин до пладне и умре.
21 Таа отиде и го положи во леглото на Божјиот човек, го затвори и излезе,
22 па го повика мажот свој и рече: »Испрати ми еден од слугите и една од ослиците; ќе одам кај Божјиот човек и ќе се вратам.«
23 А тој ја праша: »Зошто ќе одиш при него? Денес не е нов месец, не е ни сабота.« Но таа рече: »Добро е.«
24 И ја оседла ослицата и му кажа на слугата свој: »Води и врви; не запирај додека не ти кажам.«
25 И тргнаа и дојдоа при Божјиот човек, на гората Кармил. А кога Божјиот човек ја виде оддалку, му кажа на слугата свој Гиезија: »Еве ја онаа Сонамка;
26 отрчај да ја пресретнеш и да ја прашаш: ‚здрава ли си, здрав ли е мажот нејзин, здраво ли е детето?‘« Таа одгорови: »Здрави сме.«
27 А кога дојде при Божјиот човек на гората, се фати за нозете негови. И Гиезиј се доближи, за да ја отстрани; но Божјиот човек рече: »Остави ја, душата ѝ е огорчена, а Господ ја сокри од мене и не ми јави.«
28 И таа рече: »Барав ли јас од мојот господар син? Не зборував ли: немој да ме лажеш?«
29 Тој тогаш му рече на Гиезија: »Опаши се преку половината и земи го стапот мој во раката и врви; ако сретнеш некого, не го поздравувај; а ако некој те поздрави, не му одговарај; и стави го стапот врз лицето на детето!«
30 А мајката на детето рече: »Жив Господ и жива ти душата! Нема да те оставам.« Тогаш и тој стана и тргна по неа.
31 Гиезиј отиде пред нив и го стави стапот врз лицето на детето. Но не се чу ни глас, ни одговор. И му излезе во пресрет, му соопшти и рече: »Детето не се разбудува.«
32 И Јелисеј влезе во куќата, и ете, умрено дете лежи на леглото негово.
33 И влезе, ја затвори вратата зад себе и му се помоли на Господа;
34 потоа се качи, легна врз детето, ја стави устата своја врз неговата уста, очите свои врз неговите очи, и дланките свои врз неговите дланки, и се простре врз него, и телото на детето се загреа.
35 Јелисеј стана и почна да оди по собата натаму наваму; потоа пак се качи и се простре врз него. И детето кивна седумпати и ги отвори очите свои.
36 И тој го повика Гиезија и му рече: »Повикај ја Сонамката!« И тој ја повика. Таа дојде при него, и тој рече: »Земи си го синот свој!«
37 Таа се доближи, падна пред нозете негови и се поклони до земја; потоа го зеде синот свој и излезе.
38 А Јелисеј се врати во Галгал. Во таа земја имаше глад, и синовите пророчки седеа пред него. И тој му кажа на слугата свој: »Стави го големиот котел и свари леќа за пророчките синови.«
39 И излезе еден од нив во полето да собира зелен; најде еден корен од дива лоза, и набра од неа полн скут диви плодови; се врати и ги стави во котелот со леќа, зашто не ги познаваше.
40 Им поставија да јадат. Но штом почнаа да ја јадат леќата, извикаа и велеа: »Смрт има во котелот, човече Божји!« И не можеа да јадат.
41 А тој рече: »Дајте брашно!« И го истури во котелот и му рече на Гиезија: »Стави им на луѓето, нека јадат.« И во котелот не остана ништо отровно.
42 Дојде некој си од Ветарис и му донесе на Божјиот човек лебна првина дваесет јачмени лепчиња и млади зрна во класови. И рече Јелисеј »Дај им на луѓето да јадат.«
43 И рече слугата негов: »Што ќе им дадам на сто души?« А тој рече: »Дај им да луѓето, нека јадат, зашто така вели Господ: ќе се наситат, и ќе остане.«
44 Тој им даде, и тие се наситија, и остана уште, според словото Господово.