2 Kings 2
1 Во она време, кога Господ сакаше да го вознесе Илија на небото во виор, Илија со Јелисеја доаѓаше од Галгал.
2 И му рече Илија на Јелисеја: »Остани тука, зашто Господ ме испраќа во Ветил.« Но Јелисеј рече: »Жив Господ и жива ти душа! Нема да те оставам.« И отидоа во Ветил.
3 И излегоа при Јелисеја синовите пророчки, што беа во Ветил, и му рекоа: »Знаеш ли, дека денес Гсопод ќе го вознесе твојот господар над главата твоја!« Тој одговори: »И јас знам, молчете.«
4 И му рече Илија: »Јелисее, остани тука, зашто Господ ме испраќа во Јерихон.« А тој рече: »Жив Господ и живе ти душа! Нема да те оставам.« И дојдоа во Јерихон.
5 Тогаш се приближија синовите пророчки, што беа во Јерихон, и му рекоа: »Знаеш ли, дека денес Господ го зема твојот господар и ќе го вознесе над главата твоја?« Тој одговори: »И јас знам, молчете.«
6 Пак му рече Илија на Јелисеја: »Остани тука, зашто Господ ме испраќа во Јордан.« А тој рече: »Жив Господ и жива ти душа! Нема да те оставам.« И тргнаа обајцата.
7 Педесет души од синовите пророчки тргнаа и застанаа подалеку спроти нив, а тие двајца стоеја при Јордан.
8 Тогаш го зеде Илија кожувот свој, го свитка и удри со него по водата, и таа се раздели на две страни, па така и двајцата минаа по суво.
9 Кога минаа, Илија му рече на Јелисеја: »Барај, што сакаш да ти направам, пред да бидам земен од тебе.« Јелисеј одговори: »Духот, кој е во тебе, да биде двојно во мене.«
10 А тој рече: »Бараш нешто многу тешко; ако видиш, како ќе бидам земен од тебе, така ќе ти биде; ако, пак, не видиш, нема да ти биде.«
11 Како што одеа и си разговараа по патот, наеднаш се појави огнена кола и огнени коњи, и ги раздвоија еден од друг, и Илија се понесе во виорот кон небото.
12 А Јелисеј гледаше и извика: »Оче мој, оче мој, кола на Израилот и негова коњица!« И веќе не го виде. Па ја фати облеката своја, и ја раскина на две парчиња.
13 И го крена тој кожувот на Илија, што беше паднал од него, па се врати и се запре крај брегот на Јордан;
14 го зеде кожувот на Илија, што беше паднал од него, удри со него по водата, и рече: »Каде е Господ, Бог Илиев? Он Самиот?« И удри по водата, а таа се раздели на две страни, и Јелисеј помина.
15 И го видоа од далеку синовите пророкови, што беа во Јерихон и рекоа: »Илиевиот дух слезе врз Јелисеја.« Му излегоа во пресрет и му се поклонија до земја.
16 И му рекоа: »Ете, во нас, твоите слуги, има педесет души силни мажи; нека одат тие да го побараат господарот твој; можеби, Духот Господов го однел и го фрлил на некоја гора, или во некој дол.« А тој рече: »Немојте да испраќате!«
17 Но тие настојуваа пред него многу, та му здодеаја, па им рече: »Испратете!« И испратија педесет души, кои бараа три дена, но не го најдоа,
18 и се вратија при него, додека тој беше во Јерихон; и тој им рече: »Нели ви говорев: не одете!«
19 Тогаш жителите на градот му кажаа на Јелисеја: »Ете, како што гледаш, господару, положбата на овој град е добра; но водата е лоша и земјата е бесплодна.«
20 А тој рече: »Дајте ми нова чаша и турета во неа сол.« И му дадоа.
21 Тој отиде при изворот на водата, ја фрли во неа солта и рече: »Вака вели Господ: ‚Јас ја направив здрава таа вода; и во иднина нема да доаѓа од неа ни смрт, ни бесплодност.‘«
22 И водата остана здрава до денес, според зборот, што го кажа Јелисеј.
23 Оттаму тој отиде во Ветил. Кога одеше по патот, мали деца излегоа од градот, му се потсмеваа и му велеа: »Врви, ќелавко! Врви, ќелавко!«
24 Тој се сврти, ги виде и ги проколна во името Господово. Тогаш излегоа од гората две мечки и раскинаа од нив четириесет и две деца.
25 Оттука отиде на гората Кармил, а оттаму се врати во Самарија.