2 Corinthians 6
1 Бидејќи сме соработници Христови, ние ве молиме, да не ја примате напразно благодатта Божја.
2 Зашто е речено: »Во благопријатно време те чув и во денот на спасението ти помогнав«. Еве, сега е времето благопријатно; ете, сега е денот на спасението!
3 Никому никаков повод не даваме, за да не се напаѓа нашата служба,
4 туку во сѐ се препорачуваме за служители Божји, со големо трпение, во неволи, во нужди, во тескоби,
5 при рани, во темници, во скитања, во напори, во бденија, во пости,
6 со чистота, со знаење, со долготрпеливост, со добрина, со Духот Свети, со нелицемерна љубов,
7 со проповед на вистината, со сила Божја, со оружјето на правдата во десна и во лева рака,
8 при чесност и бесчесност, при укори и пофалби; нѐ сметаат за измамници, а ние сме вистинити;
9 за непознати, а добро сме познати; нѐ држат како да сме на умирање, а еве – живи сме; нѐ казнуваат, но не можат да нѐ умртват;
10 нѐ нажалуваат, а ние сме секогаш весели; нѐ сметаат за бедни, а мнозина обогатуваме; како ништо да немаме, а сѐ имаме.
11 Устата наша е отворена за вас, Коринтјани, и срцето наше се раширува.
12 Вам не ви е тесно со нас, но тесно ви е во срцата ваши.
13 За еднаква отплата ви зборувам како на чеда: бидете и вие широки.
14 Не впрегнувајте се заедно со неверниците; зашто, какво општување постои меѓу правдата и беззаконието? Што воопшто има меѓу светлината и темнината?
15 Какво согласие може да има меѓу Христа и Велијар? Или, што општо има меѓу верник и неверник?
16 Каква сличност има храмот Божји со идолите? Вие сте храм на живиот Бог, како што рекол Бог: »Ќе се вселам во нив и ќе одам меѓу нив; ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ.«
17 »Затоа излезете од нивната средина и одделете се!« Вели Господ, и »Не допирајте се до нечисто, и Јас ќе ве примам!
18 И јас ќе ви бидам Отец, а вие ќе Ми бидете синови и ќерки«, вели Господ Седржителот.