2 Corinthians 5
1 Знаеме дека, кога земното живеалиште на нашето тело, кое е како шатор, се разруши, тогаш имаме од Бога дом, куќа неракотворна, вечно живеалиште на небесата.
2 Затоа и воздишуваме, копнеејќи да се облечеме во своето небесно живеалиште;
3 само, да не би и облечени, да се најдеме голи.
4 Оти, ние кои се наоѓаме во овој шатор, воздишуваме обременети; бидејќи не сакаме да се соблечеме, туку да се преоблечеме, та животот да го проголта смртното.
5 А Бог, Кој нѐ создаде токму за ова, ни даде и залог на Духот.
6 И така, секогаш сме спокојни, зашто знаеме дека, додека живееме во телото, ние се оддалечуваме од Господа,
7 бидејќи според верата живееме, а не според гледањето.
8 Но не се плашиме и сакаме што поскоро да го напуштиме телото и да се прибереме при Господа.
9 Па затоа и усрдно се грижиме да Му бидеме угодни, било кога живееме во телото, било кога го напуштаме;
10 зашто сите ние треба да се јавиме пред Христовиот суд. Та секој да прими што заслужил, според она што го извршил во телото свое, било добро или зло.
11 И така, знаејќи го стравот од Господа, ние ги вразумуваме луѓето, а за Бога сме јавни: се надеваме дека сме познати и на вашите совести.
12 Не се фалиме, пак, пред вас, туку ви даваме повод, вие да се фалите со нас, та да има, што да им речете на оние, кои се фалат по лице, а не по срце.
13 Ако сме претерале во пофалбите свои, тоа е заради Бога; ако сме умерени, тоа е поради вас.
14 Бидејќи љубовта Христова нѐ гони да размислуваме за ова дека, кога еден умрел за сите, тогаш сите се умрени.
15 А Христос умре за сите, та живите да живеат не веќе за себеси, а за Оној, Кој умре за нив и воскресна.
16 Затоа ние отсега никого не познаваме по тело; иако Христа Го познаваме по телото, но сега веќе не Го познаваме.
17 И така, кој е во Христа, тој е ново создание; старото помина; ете, сѐ стана ново.
18 А сѐ е од Бога, Кој нѐ измири со Себе преку Исуса Христа и ни го даде служењето на тоа измирување.
19 Оти Бог го измири светот со Себе преку Христа, не земајќи ги предвид гревовите на луѓето, и го вложи во нас словото на измирување.
20 Па така, ние сме пратеници место Христа, како Бог да зборува преку нас. Ве молиме во името на Христа: помирете се со Бога!
21 Зашто Оној, Кој не знаеше грев, Он место нас Го направи грев, та преку Него да станеме правда Божја.