2 Corinthians 1
1 Павле, апостол на Исуса Христа по волја Божја, и братот Тимотеј, до црквата Божја во Коринт заедно со сите светии по цела Ахаја:
2 благодат и мир од Бога Отецот наш, и Господа Исуса Христа!
3 Благословен нека е Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Отец на милосрдноста и Бог на секоја утеха,
4 Кој нѐ утешува при секоја наша мака, та и ние да можеме да ги утешиме оние што се наоѓаат при секаква мака, со онаа утеха, со која Бог нѐ утешува нас самите!
5 Оти, како што се умножуваат Христовите страдања во нас, така се умножува и утехата наша преку Христа.
6 Ако сме во мака, за ваша утеха е и спасение, кое е можно само така, кога ги претрпувате истите страдања, што ги трпиме и ние;
7 а и надежта наша за вас е тврда. Се утешуваме ли, се утешуваме за ваша утеха и спасение, знаејќи дека како што учествувате во нашите страдања, така ќе бидете учесници и во утехата.
8 Браќа, не сакаме да ја затаиме маката, што ни се случи во Азија; бидејќи бевме оптоварени многу, дури и преку нашите сили, ние не се надевавме ни живи да останеме.
9 Туку сами во себеси ја носевме смртната пресуда, за да не се надеваме на себеси, а на Бога, Кој ги воскреснува мртвите,
10 Кој нѐ избави од таква страшна смрт, а и уште нѐ избавува, на Кого се надеваме дека и понатаму ќе нѐ избавува;
11 па со помошта и на вашата молитва за нас многу луѓе да Му благодарат на Бога за даровите што ни се дадени поради вас.
12 Бидејќи е нашата пофалба: сведоштво на нашата совест дека во простота и искреност пред Бога, а не со телесна мудрост, туку со Божја благодат живеевме на светот, особено, пак, меѓу вас.
13 Оти друго не ви пишуваме, освен она, што го читате и разбирате, па се надеваме дека и до крај ќе го разбирате.
14 Како што веќе донекаде и разбравте дека ние сме ваша пофалба, како и вие наша, во денот на нашиот Господ Исус Христос.
15 И во таа увереност се готвев да дојдам при вас порано, та повторно да примите благодат,
16 и преку вас да заминам за Македонија, а од Македонија пак да дојдам при вас, та вие да ме придружите до Јудеја.
17 Но, како го готвев ова вака, можеби лесномислено постапив? Или, пак, што се наканував, по телото ли се наканував, та моето »да« да биде и »не?«
18 Но Бог е сведок дека нашиот збор до вас не беше »да« и »не«.
19 Зашто Синот Божји, Исус Христос, Кого Го проповедавме меѓу вас јас и Силуан и Тимотеј, не беше »да« и »не«, туку во Него беше »да«,
20 бидејќи сите ветувања Божји во Него се »да«, и во Него »амин«, за слава Божја преку нас.
21 Бог е Оној, Кој нѐ утврди со вас во Христа и нѐ помаза;
22 Он и нѐ запечати и ни даде залог на Духот во срцата наши.
23 А јас Го повикувам Бога за сведок на мојата душа, дека, штедејќи ве вас, не дојдов во Коринт досега;
24 но не како ние да владееме со верата ваша, туку сме помагачи на вашата радост, бидејќи во верата вие сте тврди.