1 Samuel 41990

1Филистејците се собраа да војуваат против Израилот. И словото Самуилово беше свртено кон сиот Израил. И излегоа во војна Израилците против Филистејците и се улогорија при Авен-Езер, а Филистејците се сместија при Афек.

2И Филистејците се наредија за борба против Израилците; почна борбата, и Филистејците ги разбија Израилците, и загинаа од нив на бојното поле до четири илјади души.

3Тогаш народот дојде во логорот; и старешините Израилеви рекоа: »Зошто Господ нѐ порази денес пред Филистејците. Да си го земеме од Силом ковчегот на заветот Господов, и тој ќе оди среде нас и ќе нѐ спаси од раката на непријателите наши.«

4И народот испрати во Силом, па го донесоа оттаму ковчегот на заветот на Господа Саваот, Кој седи на Херувими; а при ковчегот на заветот Божји беа двајцата синови на Илиј – Офни и Финес.

5И кога пристигна во логорот ковчегот на заветот Господов, сиот Израил крена толку силен вик, што земјата трепереше.

6И Филистејците ги слушнаа радосните извици и рекоа: »Зошто ли се тие радосни извици во логорот на Евреите?« И дознаа, дека во логорот пристигнал ковчегот Господов.

7И се уплашија Филистејците, бидејќи рекоа: »Бог дошол при нив во логорот.« И рекоа: »Тешко нам, зашто такво нешто не се случило ни вчера ни завчера;

8тешко нам! Кој ќе нѐ спаси од раката на Оној силен Бог? Тоа е Оној Бог, што ги порази Египтјаните со секакви поразии во пустињата.

9Стегнете се, о Филистејци, и бидете храбри, за да не станете робови на Евреите, како што се тие во ропство под вас; бидете јунаци и удрете на нив!«

10И Филистејците удрија, и Израилците беа разбиени, и секој избега во шаторот свој; поразот беше многу голем; од Израилците паднаа триесет илјади пешаци.

11Ковчегот Божји беше земен, и обајцата Илиини синови, Офни и Финес, загинаа.

12А еден од Венијаминовите побегна од местото на битката и дојде во Силом истиот ден; облеката му беше испокината и главата во прав.

13Кога тој пристигна, Илиј седеше на стол при патната врата и гледаше, бидејќи срцето му трепереше за ковчегот Божји. И кога тој човек пристигна и јави во градот, целиот град високо повика.

14Илиј го чу плачењето и рече: »Каква врева е тоа?« И човекот веднаш се приближи и му соопшти на Илиј.

15Илиј тогаш беше на деведесет и осум години; и очите му се беа помрачиле, и тој не можеше да гледа.

16И човекот му рече на Илиј: »Јас дојдов од логорот, денес избегав од местото на битката.« И рече Илиј: »Што стана, синко?«

17И известителот одговори и рече: »Израил избега пред Филистејците, голем пораз стана во народот, и двајцата твои синови, Офни и Финес, загинаа, и ковчегот Божји беше запленет.«

18Кога тој спомна за ковчегот Божји, Илиј падна од столот при вратата нагрб, си го скрши грбникот и умре; бидејќи тој беше стар и тежок. Тој беше судија на Израилот четириесет години.

19Снаата негова, Финесовата жена, беше бремена веќе навременила. Кога го чу известувањето дека ковчегот Божји е запленет и дека свекорот нејзин и мажот нејзин умреле, се свитка на колена и роди, бидејќи ѝ дојдоа болките.

20И кога таа умираше, жените околу неа н говореа: »Не плаши се, ти роди син.« Но таа не одговараше и не обрнуваше внимание.

21И го нарече младенчето Ихавод, велејќи: »Си отиде славата од Израилот« – со запленувањето на ковчегот Божји, а и со смртта на свекорот нејзин и мажот нејзин.

22Таа затоа рече: »Отиде славата од Израилот, бидејќи ковчегот Божји е запленет.«

© Библиско Здружение на Р. Македонија 1990, 2016 © Bible Society of the Republic of Macedonia 1990, 2016

Choose Translation

Switch translation for 1 Samuel 4.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.