1 Timothy 3
1 Верно е словото: сака ли некој епископство, тој сака добра работа.
2 Но епископот треба да е непорочен, маж на една жена, трезвен, целомудрен, чесен, почитуван, гостољубив, поучлив;
3 не пијаница, не силеџија, не лаком, туку кроток, мирољубив и не среброљубив;
4 својата куќа добро да ја управува и да има деца послушни со полно достоинство;
5 зашто, кој не умее да ја управува својата куќа, како тогаш ќе се грижи за Црквата Божја?
6 Да не е новопокрстен, за да не се возгордее и падне во суд со ѓаволот.
7 Тој треба уште да има и добро сведоштво од надворешните, за да не биде укоруван и да не падне во примката на ѓаволот.
8 Ѓаконите, исто така, треба да бидат чесни, не двојазични, да не се страстни за вино, ниту лакоми за гнасна печалба;
9 да ја пазат тајната на верата со чиста совест.
10 И тие треба најнапред да бидат испитани, та после, ако се непорочни, да станат ѓакони.
11 Исто така и нивните жени треба да бидат чесни, да не се клеветнички, туку трезвени и верни во сѐ.
12 Секој од ѓаконите треба да биде маж на една жена, добро да управува со децата свои и куќата своја.
13 Оти оние, што служат добро, се здобиваат со висок чин и голема слобода во верата што ја имаат во Исуса Христа.
14 А ова ти го пишувам, со надеж дека скоро ќе дојдам при тебе.
15 Ако некако се позабавам, да знаеш како треба да постапуваш во Божјиот дом, кој е Црква на живиот Бог, столб и тврдина на вистината.
16 И, навистина, голема е тајната на побожноста: Бог се јави во плот, посведочен беше од Духот, се покажа на ангелите, беше проповедан на народите, светот Му поверува, и се вознесе во слава.