1 Timothy 2
1 Молам, пред сѐ, да се прават просби, молитви, молби и благодаренија за сите луѓе:
2 за царевите и за сите што се на власт, та да поживееме тих и мирен живот во потполна побожност и чистота;
3 оти тоа е добро и угодно пред нашиот Спасител Бога,
4 Кој сака сите луѓе да се спасат и да ја познаат вистината.
5 Зашто еден е Бог, и еден е Посредникот помеѓу Бога и луѓето – Човекот Христос Исус,
6 Кој се даде Себеси како откуп за сите – а тоа се посведочи во свое време;
7 па затоа сум поставен како проповедник и апостол – зборувам вистина во Христа, не лажам – како учител на иноверците во верата и вистината.
8 И така, мажите сакам да се молат на секое место, кревајќи ги чистите раце без гнев и сомневање.
9 Исто така и жените, облечени пристојно, со срамежливост и чесност да се украсуваат, не со плетенки, ни со злато, или со бисери, или со скапоцени облеки,
10 туку со добри дела, како што им прилега на жени, што ѝ се посветуваат на побожноста.
11 Жената да се учи во мир и потполно покорство.
12 На жена не ѝ позволувам да поучува, ниту да господари над мажот, туку да биде мирна.
13 Бидејќи порано беше создаден Адам, а потоа Ева;
14 и Адам не беше измамен, туку жената беше измамена и направи престап:
15 но ќе се спаси преку раѓање деца, ако остане во верата, љубовта и во светоста со чесност.